
Демократската култура како мерило за зрелоста на едно општество
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Вообичаено, кога зборуваме за демократијата, најчесто мислиме на избори, парламент, политички партии, институции и владеење на правото. Тоа се нејзините неопходни столбови и без нив демократскиот поредок не може да постои. Но постои уште една страна на демократијата која многу поретко ја споменуваме, а без која ниту најдобрите институции не можат долго да ја оправдаат својата улога. Тоа е демократската култура.
Демократијата е систем на правила. Демократската култура е начин на нивно живеење. Таа не се создава со закон, ниту се пропишува со уставни одредби. Се гради преку секојдневното однесување, преку почитувањето на различното мислење, преку подготвеноста да се сослуша соговорникот и преку свеста дека никој нема монопол врз вистината.
Токму затоа зрелоста на едно демократско општество не се мери само според тоа дали редовно се одржуваат избори, туку и според начинот на кој луѓето комуницираат кога не се согласуваат. Најголемиот испит за демократијата не е согласноста, туку несогласувањето. Лесно е да се разговара со оние што мислат исто како нас. Вистинската демократска култура се препознава во способноста достоинствено да се разговара со оние што имаат поинакви ставови.
Во политичкиот живот власта и опозицијата имаат различни улоги, но тие се дел од истиот демократски поредок. Во парламентот тие се два дела на законодавната власт, повикани да предлагаат, да расправаат, да контролираат и да ги унапредуваат законските решенија во интерес на граѓаните. Политичката конкуренција не смее да ја потисне заедничката одговорност што ја имаат кон државата и кон општеството.
Кога политичкото несогласување ќе почне да се доживува како лична пресметка или како морално непријателство, тогаш постепено се губи суштината на демократијата. Наместо натпревар на идеи, се создава натпревар на омаловажувања. Наместо аргументите да ја убедуваат јавноста, вниманието го привлекуваат зборовите што разделуваат. На тој начин се осиромашува јавниот простор, а граѓаните сè потешко можат да препознаат каде завршува политичката реторика, а каде започнува вистинската расправа за општото добро.
Она што особено загрижува е што ваквите процеси не започнуваат нагло. Тие се развиваат тивко, речиси незабележливо. Денес се поместува границата на прифатливото во јавниот говор, утре таквиот начин на комуникација почнува да се смета за нормален, а задутре се пренесува во секојдневните разговори, во медиумите, на социјалните мрежи и во односите меѓу самите граѓани. Така политичката култура постепено станува огледало на општествената култура.
Во едно демократско општество политичарите не се само носители на функции. Тие, сакале или не, се и пример што јавноста го следи. Нивниот јавен настап не влијае само врз нивните политички поддржувачи или противници, туку испраќа порака каков модел на комуникација станува општествено прифатлив. Затоа тежината на јавниот збор е многу поголема отколку што понекогаш изгледа.
Но, одговорноста не завршува кај политичарите. Демократската култура не можат да ја изградат само институциите. Неа ја создаваат и граѓаните, преку начинот на кој разговараат, расправаат и реагираат во јавниот простор. Секој што одлучува аргументот да го стави пред навредата, почитта пред омаловажувањето и разумот пред гневот, придонесува за зајакнување на демократската култура.
Во една претходна колумна напишав дека комуникацијата е средство, довербата е мост, а резултатите се природна последица. Истото важи и за демократијата. Без комуникација нема разбирање. Без разбирање нема доверба. Без доверба институциите ја губат својата сила, а без силни институции демократијата останува само форма, без својата вистинска содржина. Затоа ова е повик да застанеме на страната на вредностите.
Затоа денес, повеќе од кога било, потребно е да ја негуваме културата на дијалог. Не затоа што секогаш ќе се согласуваме, туку затоа што ќе знаеме достоинствено да се разликуваме. Различното мислење не е слабост на демократијата. Тоа е нејзината најголема предност, доколку е проследено со почит, аргументи и чувство за заедничка одговорност.

Демократијата не започнува во парламентот и не завршува на изборите. Таа живее во секој разговор во кој човекот е поважен од навредата, аргументот посилен од омаловажувањето, а достоинството повредно од секоја политичка победа. Само таквата демократска култура може да создаде општество во кое довербата не е исклучок, туку правило, а различностите не се причина за поделби, туку поттик за заеднички напредок.

