
Почеток на доделувањето на првите картички за зелена нафта во текот на оваа недела, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешната прес-конференција, која ја одржа заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Во пресрет на есенската обработка и подготовката на нивите, во текот на оваа недела започнуваме со доделување на првите картички за зелена нафта. За оваа мерка обезбедивме 584 милиони денари. Поддршката ја зголемивме за 12,3 проценти, со што директно го намалуваме трошокот за гориво во период кога земјоделците повторно влегуваат на нивите”, рече министерот Серафимовски.
Тој истакна дека во следниот период приоритет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде и исплатата на финансиската поддршка од два денари за килограм јаболко од бербата во 2024 година, а кое е предадено до 30 јуни 2025 година. Станува збор за средства во висина од околу 150 милиони денари, за чија исплата налозите веќе се подготвени и сите производители што навремено поднеле барање и ги исполнуваат условите ќе бидат исплатени.
„Откупот на винското грозје е во завршна фаза. Винариите досега имаат прифатено и преработено речиси 80 милиони килограми грозје, вклучувајќи го сопственото производство, а дополнително се извезени околу 13 милиони килограми, со што вкупната количина е околу 93 милиони килограми набрано грозје”, информираше министерот Серафимовски, притоа додавајќи дека во завршна фаза се и административните постапки за кредитната линија преку Развојната банка, со која е предвидено финансирање на откупот на винско грозје, чија цел е да се зајакне ликвидноста на винариите и да се создадат услови за исполнување на обврските кон лозарите.
„Според последните информации, во прилепскиот регион, просечната откупна цена на црвената пиперка од сортата куртовска капија е зголемена на 25 денари за килограм при предавање во откупен центар”, посочи министерот Серафимовски.
Тој соопшти дека во двата најголеми производни региони за оваа сорта досега се откупени вкупно 44 милиони килограми пиперка, и тоа 11 милиони во откупните центри во Кривогаштани и 33 милиони во Струмица.
„Извозот на пиперка достигна 15 милиони килограми, приближувајќи се до вкупното минатогодишно ниво од 15,5 милиони килограми, додека откупот сè уште трае”, додаде министерот Серафимовски.
На прес-конференцијата тој се осврна и на измените на Правилникот за квалитет на млекото и млечните производи, а со кои се ограничува употребата на млеко во прав, реконституирано млеко и палмино масло во производството.
„Максимално дозволената количина на овие состојки треба да биде од 1 до 2 отсто”, информираше министерот Серафимовски.
Тој го претстави и Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, кој е ставен на јавна расправа. Предложените решенија предвидуваат писмени договори пред испораката, регистрирани откупувачи, однапред утврдени услови за откуп, точна евиденција и рокови за плаќање.
„Сакам да ја искористам оваа прес-конференција да ги повикам сите земјоделци, здруженија и иницијативни групи активно да се вклучат и да достават конкретни забелешки и предлози на ЕНЕР или пак во подрачните единици на министерството”, порача министерот Серафимовски.
За резултатите од контролите на откупот на различни производи информираше директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кој соопшти дека за утврдените неправилности инспекторатот изрекол 30 инспекциски мерки и издал 17 платни налози, од кои три се платени, а за преостанатите 14 се води прекршочна постапка пред Прекршочната комисија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Државниот инспекторат за земјоделство во тековната 2026 година, заклучно со 15 септември, има извршено вкупно 873 вонредни инспекциски надзори согласно Законот за земјоделство и рурален развој, кај регистрирани правни лица кои вршеле откуп на земјоделски производи”, изјави Ангеловски.
Тој информираше дека при контролите најчесто е констатирано откуп без договори со производителите, неисплатени обврски, непочитување на роковите за исплата, неистакнати ценовници, непоседување верификувани мерни инструменти и откуп без упис во регистарот на откупувачи.

„И во наредниот период, инспекторатот ќе продолжи со редовни инспекциски контроли кај откупувачите на земјоделски производи, со цел заштита на правата и интересите на земјоделските производители, а за сите утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни инспекциски мерки согласно законските прописи”, истакна директорот Ангеловски.

