
Хакиран е централниот регистар со списокот на лица и нивните адреси во Данска, што овозможи пристап до податоците на 8,8 милиони лица, објави денеска данското Министерство за дигитализација.
„Националниот орган за регистрација (CPR) утврди дека неовластени лица добиле нелегален пристап до имињата, адресите и CPR броевите (еквивалентни на броевите на социјално осигурување) на приближно 8,8 милиони регистрирани лица (живи, починати, кои емигрирале итн.)“, се наведува во соопштението.
Истрагата е во тек, но во оваа фаза сторителите сè уште не се откриени, рече истиот извор.
Хакерите добиле пристап до податоците преку легален пристап на данска компанија. Овој пристап оттогаш е отповикан. Администрацијата беше информирана во петокот дека во „текот на септември„ била забележена „аномалија во CPR системот“.
„Ова е исклучително сериозен инцидент“, рече министерката Кристина Егелунд.
„Заедно со сите надлежни тела, сме во процес на мапирање на целосниот обем на инцидентот“, додаде таа.
По протекувањето на податоците, администрацијата објави дека спровела мерки за спречување на слични инциденти.
Националниот регистар содржи податоци за 11 милиони луѓе. Покрај луѓето кои моментално живеат и престојуваат во Данска, тој содржи информации за луѓе кои починале и луѓе кои ја напуштиле земјата.

Луѓето со заштитена адреса и име не биле погодени од протекувањето на податоците, додаде таа.

