
Неинформираноста, несигурноста и ранливоста на пациентите и вкоренетата култура на
фаќање „врски“ и давање мито ја „хранат“ корупцијата во јавното здравство. Затоа
неопходни се сеопфатни мерки кои ќе ги вклучат и пациентите, и здравствените
работници, и надлежните институции во насока на намалување на коруптивните
практики. Ова се главните заклучоци од третата јавна трибина „Корупција во здравството
– да зборуваме отворено“, која се одржа во Свети Николе.

Од Граѓанската иницијатива на жени – Свети Николе потенцираа дека истражувањето
спроведено помеѓу жените во реонот на Штип, Свети Николе и Лозово покажало дека 60
отсто од жените имаат тешкотии при пристапот до здравствени услуги, а речиси 53 отсто
се соочуваат со финансиски пречки да ги покријат основните трошоци.
„Тоа нѝ покажува дека сиромаштијата, местото на живеење и пристапот до здравство
често се поврзани. Значи, една жена која живее во село и истовремено има финансиски
тешкотии е многу повеќе изложена на неправилности, злоупотреби и на ситуации во кои
може да почувствува дека нема друг избор, освен да плати, да побара врски или
едноставно да се откаже од потребната здравствена услуга“, рече Ирина Поцкова од
Граѓанската иницијатива на жени – Свети Николе.
На трибината учествуваше и доктор Горан Андонов, специјалист по медицина на труд,
според кого, проблемот со корупцијата е комбинација од повеќе фактори, како нискиот
степен на информираност, недостигот на кадар и недоволниот надзор.
„Ако правилата не се јасни, ако листите на чекање не се транспарентни, ако пациентот не
знае кому да се обрати и ако контролата е слаба, тогаш се создава простор некој
поединец да ја злоупотреби таа ситуација. Затоа борбата против корупцијата не може да
се сведе само на тоа да се пронајде и казни поединецот. Мора да се намалат и условите
во кои таквото однесување може да се појави“, истакна Андонов.
Јавната трибина се одржа во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита:
Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружението за
еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Како дел од проектот беа
спроведени истражувања и фокус групи со граѓани и со здравствени работници.
„Еден од најевидентните, и во исто време најзагрижувачки наоди, е дека иако
корупцијата во здравството е многу присутна, речиси никој не ги пријавува ваквите
случаи. Имено, ниту еден од граѓаните кои рекоа дека се соочиле со корупција, не
пријавил во надлежните институции. Во исто време, речиси 84% од здравствените
работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во
кој работат, но само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција, го пријавиле
случајот“, вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.
Учесниците на трибината потенцираа дека борбата против корупцијата во здравството
треба да почне со зголемување на транспарентноста и информираноста на пациентите и
унапредување на довербата во механизмите за пријавување.
„Дел од граѓаните се плашат од можни последици бидејќи повторно ќе имат потреба од
истата здравствена услуга. Други не знаат дали можат да останат анонимни или не
веруваат дека нивната пријава ќе донесе промена. Затоа, не е доволно само да постои
можност за пријавување, туку неопходно е граѓаните да знаат каде да пријават, како се
заштитени и што се случува со нивната пријава“, рече Поцкова.
„Здравствениот работник треба да знае дека ако укаже на неправилност, институцијата
ќе го заштити, а нема да го казни. Затоа е потребна институционална култура во која
укажувањето на проблем не се смета за напад врз установата. Напротив, тоа треба да се
смета за начин установата да стане подобра“, потенцираше Андонов.
Учесниците се согласија дека граѓаните и здравствените работници кои работат чесно и
одговорно имаат заеднички интерес, а тоа е здравствен систем во кој правилата важат
еднакво за сите, услугите се достапни без привилегии, а неправилностите можат да се
пријават без страв.
Последната јавна трибина од карванот „Корупција во здравството – да зборуваме
отворено“ ќе се одржи на 17 октомври во Тетово. Здружението ЕСЕ го спроведува
проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во
здравството“ со финансиска поддршка од Expertise France преку Agence française de
développement.

