
Три ракети и два дрона беа вклучени во петте инциденти регистрирани утрово во воздушниот простор на Молдавија, изјави денеска министерот за одбрана Анатолије Носати, додавајќи дека најверојатно станува збор за руски дронови.

Тој рече дека инцидентите се пријавени и документирани, а доказите се обезбедени на лице место, за да можат да му бидат презентирани на амбасадорот на Руската Федерација во Молдавија, објави ТВ Молдавија.
Министерството за одбрана на Молдавија претходно денеска соопшти дека неколку дронови навлегле во воздушниот простор на земјата утрово помеѓу 7:45 и 8:00 часот, а потоа се слушнале експлозии во близина на неколку села.
Носати ги замоли граѓаните да не се приближуваат до остатоците од леталата и ги поврза инцидентите со војната на Русија против Украина.
„Додека Русија лансира ракети и дронови кон критична инфраструктура и луѓе во Украина, тие стигнуваат и до Молдавија, како и до Романија, Бугарија и други земји“, рече тој.
Тој оцени дека Русија е земја која не го почитува меѓународното право и која ѝ се заканува на Молдавија.
На прашањето зошто беспилотните летала не се соборени, Носати рече дека властите ги преземаат сите мерки за зајакнување на одбранбените капацитети и нивно опремување со системи за пресретнување, но дека беспилотните летала се најсовремени, софистицирани и брзи.
„Ние, како Украина, учиме како да се заштитиме од нив“, рече Носати, истакнувајќи дека за стекнување на овие системи се потребни ресурси и пари.
Молдавското Министерство за надворешни работи го осуди нарушувањето на воздушниот простор и соопшти дека фрагментите се пронајдени во урбаната област на градот Каусени, во урбаната област на селото Дубовац во округот Хинчести, помеѓу населбите Делакау и Пухачени во округот Анени Нои и во близина на Крокмаз, како и во округот Стефан Вода, каде што избувнал оган на отворено и е евидентирана материјална штета.
Според министерството, прелетувањето се случило во контекст на масовните напади што ги започна Руската Федерација врз Украина.

