Skip to main content
Свет

Синдикатите на станарите во Шпанија повикаа на протести и генерален штрајк

03/10/2026  16:05

Конфедерацијата на синдикати на станарите во Шпанија денеска повика на протести во повеќе од 50 градови во земјата, откако двата закона за домување синоќа беа отфрлени во Конгресот, наведувајќи дека „следниот чекор е генерален штрајк“.

Конфедерацијата соопшти дека Конгресот покажал „апсолутна нечувствителност, недостаток на емпатија и глувост кон барањата на улицата“, но дека доколку декретите не бидат конечно усвоени, „шпанското општество ќе излезе на улица за да одговори“, пренесува EFE.

Во соопштението се наведува дека постои „непоправлив“ јаз помеѓу она што го сака народот и она за што гласаат партиите во Конгресот, поради што веруваат дека блокирањето на регулативите мора да има политичка цена.

„Ќе ги принудиме оние што ќе им го свртат грбот на народот да ги напуштат своите места во парламентот“, се наведува во соопштението на конфедерацијата на синдикати на станарите.

Се додава дека регулативите презентирани од Владата не се доволни, туку дека тие претставуваат збир на итни мерки што дури вклучуваа и „попуст за барање кирија“.

Шпанскиот Конгрес, Долниот дом на парламентот, вчера ги отфрли двата итни владини декрети за Законот за домување, од кои првиот предвидуваше продолжување на забраната за присилно иселување на ранливи семејства и ранливи групи кои немаат алтернативен сместувачки капацитет, и предвиде воведување построги ограничувања за краткорочни изнајмувања и туристички станови, како и продолжување од една до две години на договорите за закуп што истекуваат пред крајот на 2028 година без зголемување на кириите над законските ограничувања.

Конгресот, исто така, ја отфрли мерката со која автоматски би се обновувале договорите за закуп пред нивното истекување, што би ги направило практично неограничени со цел да се обезбеди максимална безбедност на закупците.

Според овој предлог, доколку сопственикот на недвижнината сакаше да го раскине договорот надвор од законски признатите причини, тој ќе мораше да му плати надомест на закупецот во износ од 12 месечни кирии.

Гласањето во Конгресот се одржа по неколкудневните протести во Мадрид во текот на изминатата недела, кои беа организирани со барање за трансформација на моделот на домување, преку договори на неопределено време, пониски кирии, експропријација на „мршојадските фондови“, односно оние кои купуваат згради што се издаваат под кирија по ниски цени, со цел потоа да ги зголемат кириите.

Протестите беа иницирани од присилното иселување на постара жена која повеќе не можеше да ја плаќа киријата во станот во кој живееше целиот свој живот, а која беше зголемена многу пати во текот на годините.