
Тројца претставници на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ – Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски – денеска во партиската архива на СДСМ на Бихаќка го доставија пакетот предлози за структурни промени во партијата.

Во документот, адресиран до претседателот на СДСМ Венко Филипче, се прави анализа на актуелната состојба во партијата и се предлагаат конкретни чекори за нејзина реорганизација и враќање на довербата кај членството и граѓаните.
Меѓу клучните предлози наведени во документот е барањето за „неодложна и неотповиклива“ оставка на Филипче од функцијата претседател на СДСМ.
Понатаму се предлага итен избор на интегритетна, кредибилна, непристрасна и независна од актуелното партиско раководство работна група, со определен временски мандат, која би требало да подготви план за санација и темелни внатрешни реформи во најкус разумен рок.
Платформата предлага и ревизија на изборот и мандатниот статус на актуелните делегати на Конгресот, одржување вонреден Конгрес за усвојување на неопходните статутарни измени, како и организирање фер, слободни и демократски внатрепартиски избори.
Според предлогот, откако членството со полн демократски легитимитет ќе избере нов раководен тим, треба да започне нова фаза на промени во СДСМ.
Меѓу предложените чекори се креирање и усвојување стратегија со прецизен акциски план за привлекување на младите, активирање на пасивизираните членови и заживување на општинските организации.
Се предлага и дефинирање нов програмско-идеолошки наратив и партиски политики на централно и локално ниво, како и градење нов визуелен идентитет кој, според авторите на документот, треба да го симболизира дисконтинуитетот со погрешните политики на досегашните партиски раководства.
Во документот се наведува дека предлозите се резултат на анализа на причините поради кои, според платформата, СДСМ се наоѓа во незавидна состојба. Како проблеми се посочуваат идеолошкото обезличување, кадровскиот дефицит, пасивизирањето на општинските организации, комуникацијата на раководството, медиумската стратегија и односот кон незадоволните и неактивни членови.

Од платформата наведуваат дека целта на предложените промени е СДСМ повторно да се врати кон своето членство и да се подготви за нова политичка и изборна битка за довербата на граѓаните.
Во писмото до Филипче се нагласува и дека иницијаторите не планираат формирање нова политичка партија или независно изборно настапување под негово претседателствување, туку дека промените ги бараат во рамките на СДСМ.
Во завршниот дел од документот се предупредува дека, според нивната проценка, доколку актуелната состојба продолжи и понатаму, СДСМ може да се соочи со нов тежок изборен пораз.

На доставениот документ реагираа и од партиската централа на СДСМ на Бихаќка. Оттаму јавно објавија дека пристигнало „писмо од платформата ЗНАМ 2.0“, притоа нагласувајќи дека на документот стоела ознаката „доверливо“.
„Не стигнавме ниту да го прочитаме писмото, а тие веќе се сликаа и го објавија на своите (ВМРО-ОКГ) медиуми. Толку за ‘доверливоста’. И нас би ни било срам да го напишеме ова од декември, со сите ветувања. Така што за нив подобро било да биде доверливо, за да не го видат другите. Нема потреба да биде доверливо. За разлика од нив, кај нас сè е транспарентно“, реагираа од СДСМ.


