
Мојата порака е јасна – вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија. Северна Македонија навистина постигна успех со планот за раст и тоа е благодарение на вашиот личен ангажман, на вашата лична подготвеност и ви благодарам за тоа. Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели, а напредокот е навистина импресивен, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Таа истакна дека Северна Македонија повторно покажа дека може да носи храбри одлуки за својата иднина, како што посочи, Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст со две земји коишто избрале да свртат нова страница и да го пишуваат новото поглавје од историјата заедно – ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е навистина ценет сојузник, слично и во Европската Унија ние ја градиме нашата безбедност заедно.
– Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно вие ни припаѓате нам – порача Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК потсети дека со многу труд, со посветеност, пристапните преговори почнаа во 2022, и дека скрининг процесот беше завршен за помалку од една година.
– И сега има само еден клучен чекор којшто треба да го направите за да можете да се придвижите напред и да го отворите првиот кластер основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе и посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата унија побогата“, рече Фон дер Лајен.


