
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за Сител Телевизија порача дека грижата за животниот стандард и егзистенцијата на граѓаните треба да биде приоритет а не историски теми.

„Јас малку повеќе би се грижел за државата и за стандардот. И додека ние разговараме за моштите на Цар Самуил од пред илјада и кусур години, тука граѓанинот тоне во сиромаштија”, истакна Филипче.
Тој посочи дека граѓаните тешко врзуваат крај со крај, а платите не им се доволни да ги прехранат семејствата. Филипче нагласи дека, според неговата оценка, храната е поскапа од Германија, додека куповната моќ на граѓаните е исклучително ниска.
„Отиде Европа напред. Луѓето зборуваат за стандард, за технологија, за напредок”, порача Филипче, нагласувајќи дека одговорна влада треба да работи на добрососедските односи и на подобрување на условите за живот.
Во таа насока, тој се осврна и на тешката состојба во земјоделството. Како што наведе, во директните средби со сточарите, лозарите, оризарите, јаболкопроизводителите и млекопроизводителите, постојано слушаат поплаки за ниските откупни цени, намалените субвенции и зголемените трошоци за производство.
„Луѓето оваа година земале кредити, немаат како да ги вратат. На работ на сиромаштијата се. А Мицкоски сега глуми голем патриот”, рече Филипче.
Тој предупреди дека земјоделците стравуваат оти следната година нема да можат да го продолжат производството, бидејќи немаат средства за вложување. Затоа апелираше парламентарното мнозинство да го поддржи предлог-законот на СДСМ за финансиска поддршка во земјоделството, со дополнителни субвенции по килограм произведено и по хектар земја.
Филипче побара поддршка и за предлогот за минимална плата од 600 евра, потсетувајќи дека власта веќе двапати го одбила предложеното зголемување на минималната плата, а не го поддржа ниту предлогот за зголемување на откупната цена на грозјето за три денари по килограм.
