
Можни се промени на евтината тарифа за електрична енергија во Македонија, односно на периодите во кои домаќинствата плаќаат пониска цена за струјата. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува анализа на постојниот модел на блок-тарифи и евтина тарифа, најави претседателот на Комисијата, Ацо Ристов.
Конечна одлука засега нема. РКЕ ги очекува податоците и барањата од енергетските компании за следниот тригодишен регулиран период, по што ќе може подетално да се анализира дали и какви промени се потребни.
Една од причините за преиспитување на сегашниот модел е значителната промена на состојбите на пазарот на електрична енергија.
Ристов објаснува дека постојниот систем бил креиран во периодот на енергетската криза, кога електричната енергија во текот на денот била поскапа. Со масовното производство на електрична енергија од фотоволтаични централи, состојбата денес е поинаква.
„Имаме евтина енергија преку ден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа“, посочува Ристов.
Токму поради тоа, РКЕ ќе анализира дали сегашните термини на евтината тарифа треба да бидат приспособени на новата реалност на пазарот.
Како една од можностите се разгледува и проширување на периодите со евтина струја за време на викендите. Тогаш индустриската потрошувачка е помала, а истовремено може да има поголемо производство и вишок електрична енергија.
Сепак, пред каква било одлука, РКЕ ќе ја анализира потрошувачката по часови, денови и тарифни блокови.
„Ќе направиме анализа, ќе излеземе со јавна дебата и ќе ги вклучиме сите инволвирани страни, универзитетот и сите што значат нешто во енергетиката“, вели Ристов.
Целта е евентуалниот нов распоред на тарифите да ги следи периодите кога електричната енергија е поевтина на пазарот и граѓаните да можат да имаат корист од промените што ги донесе зголеменото производство од обновливи извори.

Засега, сепак, нема конечна одлука ниту конкретно утврдени нови часови за евтината тарифа.


