Skip to main content
Македонија

Доктор Василевски започна штрајк со глад пред Медициснкиот факултет

01/10/2026  11:25

Доктор Дарко Василевски денеска започна мирен протест со штрајк со глад пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Василевски, лекар и приватен специјализант, преку објава се заблагодари на сите кои му дале поддршка во изминатите денови и порача дека протестот не е насочен кон ниту едно лице.

„Ова не беше одлука која ја донесов лесно. Ова не е насочено кон никого лично“, наведе тој.

На местото каде што протестира, поставил клупа, а во текот на денот најави и поставување шатор. Вели дека таму ќе престојува 24 часа дневно во периодот што следи.

Причината за протестот е спорот околу последниот оглас за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија.

Василевски претходно тврдеше дека возраста била земана предвид при неговите претходни конкурирања за работно место на Медицинскиот факултет. Според неговото сведоштво, уште во 2022 година од член на комисијата добил порака дека е „стар“, дека не му е местото таму и дека не може академски да напредува.

На интервјуто во 2023 година, според него, повторно било отворено прашањето за неговата возраст, додека на последниот оглас во 2026 година тврди дека член на комисијата директно му рекол: „Ти си 80-то годиште“.

Василевски вели дека ги исполнувал условите од последниот оглас и дека бил единствениот од кандидатите кој ги поминал сите турнуси од специјализацијата по спортска медицина, чија програма и спроведување ги опфаќа институтот.