
На белгиските домаќинства без деца им е потребен месечен приход од 5.000 евра за да се чувствуваат спокојно, додека на оние со две деца им се потребни 7.000 евра, покажуваат резултатите од истражувањето објавено во белгиските медиуми. Оваа сума е за 500 евра пониска во споредба со податоците од пред две години.

Како причина за загриженост, учесниците во анкетата најмногу ја посочиле геополитичката состојба. Вкупно 31 отсто од нив сметаат дека таа е главна причина за зголемената инфлација, додека 16 отсто велат дека таа директно влијае врз нивните приходи. За осум отсто од испитаниците геополитичките случувања влијаат врз цените на недвижностите, а пет отсто се загрижени за последиците врз животната средина.
На прашањето колкава заштеда или имот би требало да поседуваат за да се чувствуваат финансиски сигурни за иднината, Белгијците во просек наведуваат сума од околу еден милион евра. Во истражувањето се истакнува дека жените се „поскромни“ и почесто наведуваат износ од околу 750.000 евра.
Граѓаните на возраст од 30 до 49 години чувствуваат најголем финансиски стрес, при што речиси една четвртина (25 отсто) ги наведуваат парите како главен извор на напнатост. За споредба, ваков одговор дале 22,5 отсто од младите на возраст од 18 до 29 години и 17 отсто од испитаниците на возраст од 50 до 59 години.

Поради тоа, Белгијците на возраст од 30 до 49 години најмногу инвестираат во своето идно пензионирање – повеќе од 46 отсто од нив преземаат насочени активности за таа цел, за разлика од другите возрасни групи, каде што тоа го прават околу 34 отсто од граѓаните.
