Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Следната година Скопје ќе биде домаќин на Светското првенство во танц

25/09/2026  16:34

Скопје следната година ќе биде домаќин на Светското првенство во танц, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот Фејсбук профил.

Ѓорѓиевски веста ја соопшти за време на Европското првенство во танц што се одржува во Скопје, каде што, според неговата објава, се собраа повеќе од 2.900 танчери од 26 европски земји.

Градоначалникот истакна дека му било особена чест да се обрати пред учесниците и да им посака добредојде во македонската престолнина.

„Скопје денес е голема европска сцена на која се среќаваат култури, се создаваат нови пријателства и се споделува една заедничка страст – љубовта кон танцот“, порача Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека танцот е јазик кој не познава граници и во кој се спојуваат талентот, дисциплината, емоцијата и посветеноста.

Но, најголемата вест од неговото обраќање е најавата дека танцовата приказна на Скопје продолжува и следната година, овојпат на светско ниво.

„Со особена гордост најавив дека следната година Скопје ќе биде домаќин и на Светското првенство во танц, големо признание за нашиот град и потврда дека Скопје има капацитет, енергија и амбиција да биде домаќин на најголемите меѓународни настани“, напиша Ѓорѓиевски.

Според официјалниот календар на International Dance Organization (IDO), Светското првенство во модерен и современ танц е предвидено да се одржи во Скопје од 3 до 9 ноември 2027 година, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

„Добредојдовте во Скопје, во градот кој овие денови танцува заедно со Европа, а следната година ќе танцува со светот“, порача скопскиот градоначалник.