Skip to main content
Скопје

Нови инвестиции во пумпните станици на Општина Илинден

23/09/2026  14:50

Со цел унапредување на водоснабдувањето, зголемување на сигурноста на системот, намалување на потрошувачката на електрична енергија и оптимизација на водоводната инфраструктура, Општина Илинден реализираше низа инвестиции во современа опрема за пумпните станици и резервоарите на ЈКП „Водовод“ – Илинден.

Во препумпната станица Бунарџик инсталирани се две нови вертикални пумпи, со моќност од по 18 kW, наменети за препумпување на водата кон резервоарите во населените места Ајватовци и Бучинци. Истите се управувани преку индивидуални фреквентни регулатори, што претставува значително унапредување во начинот на функционирање на препумпната станица. Како дел од инвестицијата, извршена е и целосна промена и преадаптација на електричната инсталација, при што со реализација на овие активности се надминати долгогодишните технички ограничувања и се создадени услови за посигурно и поефикасно водоснабдување.

Во пумпната станица во н.м. Јурумлери, која има значајна улога во водоснабдувањето на населените места на територијата на општините Илинден, Гази Баба и Петровец, набавена и монтирана е нова пумпа со моќност од 30 kW. Пумпата е опремена со индивидуален фреквентен регулатор, со што се овозможува делумна автоматизација и подобра контрола на нејзината работа.

За пумпната станица ОКТА во Јурумлери набавена е потопна потисна пумпа со моќност од 23 kW во собирниот колектор, чија работата е комплетно автоматизирана и управувана со фрекфрентна регулација. Со набавката на оваа пумпа се обезбедува континуиран притисок во цевководот и заштита на постоечката механичка и електрична инсталација од хаварија. Исто така, извршена е замена на нисконапонски прекинувачи во Трафостаницата ОКТА која е дел од пумпната станица.

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во современа опрема, со постепена автоматизација и модернизација на објектите на пумпните станици, со цел обезбедување континуирано, стабилно и ефикасно водоснабдување, како и испорака на здравствено исправна и безбедна вода за сите корисници.