Skip to main content
Македонија

ДОМ: За дата-центарот не е доволно да се избере парцела – мора да се знае колку ќе нè чини и колку енергија ќе троши

16/09/2026  13:24

Соопштение за јавност на ДОМ:

Владата ја посочи локацијата кај Бунарџик за изградба на Националниот дата-центар со инвестиција од 20 милиони евра, истакнувајќи ја близината до ТИРЗ Скопје 1 и 2, автопатот, оптичката мрежа и можноста за фотоволтаична централа.

Но, изборот на локација не е единствениот чекор. Клучното прашање е: дали државата има Национална стратегија што го регулира вкупниот капацитет на дата-центрите?

ДОМ смета дека за сите дата-центри во државата не смее да се алоцираат повеќе од 5% од вкупната произведена електрична енергија и увезениот гас, бидејќи тоа може да води до:

• Притисок врз цените:ангажирањето преголема моќност – дури и кога енергијата се набавува на слободниот пазар – може да создаде дополнителен притисок врз цените, што на крајот ќе се одрази врз крајните потрошувачи и стопанството.

• Нестратешко трошење ресурси:неприфатливо и стратешки погрешно би било, ако 50% од увозот на природен гас да се користи во гасна централа наменета за потребите на дата-центар.

За Националниот дата-центар, Владата мора под итно да одговори:

1. Енергетска моќност и извори:со колкава инсталирана моќност ќе располага дата-центарот и како ќе се обезбедуваат основното и алтернативното напојување? Колкав реален процент од потребите ќе покрива алтернативното напојување, а колкав најавената фотоволтаична централа?

2. Влијание врз енергијата, водата и бучавата:каков систем за ладење ќе се користи, колку вода и енергија ќе троши и како конкретно ќе се реши прашањето со бучавата?

3. Инфраструктурни трошоци:какви дополнителни инвестиции се потребни во електроенергетската мрежа и кој ќе ги покрие тие трошоци?

4. Заштита на податоците:ако во Националниот дата-центар ќе се мигрираат податоци од различни државни институции, кои категории податоци ќе бидат опфатени, кој ќе има пристап до нив и како ќе се обезбедат нивната приватност и заштита од неовластен пристап или злоупотреба?

Развојот на дигиталната инфраструктура е потребен, но тој не смее да се одвива на штета на енергетската стабилност, јавните средства и заштитата на податоците на граѓаните.