Skip to main content
Македонија

Тошковски за МРТ: Намален бројот на убиства, обиди за убиства, разбојништва и тешки кражби во споредба со минатата година

16/09/2026  09:42

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во централниот Дневник на Македонската радио телевизија, говореше за актуелната безбедносна состојба, истрагата за убиството во Чаир и движењето на криминалитетот во првите осум месеци од годинава.

Во однос на убиството во Чаир, министерот информираше дека истрагата сè уште е во тек и дека се расчистуваат околностите поврзани со еден од двајцата осомничени, вклучително и прашањето зошто лицето било на слобода во моментот на извршување на делото.

Тошковски посочи дека во оваа фаза не може да изнесува дополнителни детали за истрагата и изрази очекување дека осомничените наскоро ќе бидат лишени од слобода. Тој потсети дека и во претходни случаи на најтешки кривични дела осомничените биле обезбедени и против нив биле преземени соодветни мерки.

Одговарајќи на прашањето дали граѓаните се безбедни, министерот нагласи дека безбедносната состојба треба да се оценува врз основа на конкретни податоци и споредби, а не само преку поединечни настани.

„Прашањето дали македонските граѓани се безбедни е легитимно. Слободно можам да кажам да, но сепак станува збор за едно комплексно прашање. Истото не би можеле да го толкуваме надвор од она коешто би требало да бидат бројки, статистика и реалност”, истакна Тошковски.

Според податоците што ги презентираше, во периодот од јануари до август 2026 година е забележано намалување на повеќе категории тешки кривични дела во споредба со истиот период минатата година.

Бројот на убиства е намален од 19 на 12, односно за околу 37 проценти. Бројот на регистрирани сторители е намален од 26 на 13, додека бројот на жртви е намален од 20 на 12, што претставува намалување од околу 40 проценти.

Особено изразено намалување, од приближно 65 проценти, е регистрирано кај обидите за убиство. Разбојништвата се намалени за околу 40 проценти, а тешките кражби за приближно 30 проценти во споредба со истиот период во 2025 година.

„Слободно можам да оценам дека имаме намалување на бројот на кривични дела од овој тип на насилен криминалитет. Кога би говореле за разбојништва, имаме намалување за околу 40 проценти, а кога би говореле за тешки кражби, имаме намалување за околу 30 проценти”, посочи министерот.