Skip to main content
Македонија

20 нови полначи за автобусите во Скопје – почнува подготовката на електричната инфраструктура вели Ѓорѓиевски

15/09/2026  20:47

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во интервју за 4ТВ откри дека веќе се во тек подготовките за инфраструктурата неопходна за полнење на новите автобуси што треба да пристигнат во главниот град.

Според Ѓорѓиевски, во процесот е вклучен поширок тим составен од претставници на Град Скопје, Министерството за транспорт и врски, ЈСП „Скопје“, операторот избран во постапката за јавна набавка, како и ЕВН Македонија.

„Работиме со еден покомплексен тим, составен од лица од Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје, ЈСП Скопје и операторот кој ги доставува автобусите, на овозможување простор за полначи за автобусите“, изјави Ѓорѓиевски за 4ТВ.

Еден од главните предизвици, според него, е постојната електроенергетска инфраструктура, која треба да се приспособи за новите потреби на јавниот превоз.

Планот предвидува поставување по десет полначи на две локации – во Ѓорче Петров и во Автокоманда, односно вкупно 20 полначи за новите автобуси.

Ѓорѓиевски објасни дека самите полначи се обезбедени како дел од пакетот со автобусите, но обврска на Градот е навреме да ги подготви локациите и да ја обезбеди потребната инфраструктура за нивно функционирање.

„Веќе имаме мапирано позиции. Денес имавме и оперативен состанок со претставници на ЕВН Македонија за трасите каде што ќе треба да се обнови инфраструктурата подземно“, рече градоначалникот.

Тој посочи дека на одредени локации ќе бидат неопходни дополнителни зафати на електроенергетската мрежа за да се обезбеди потребната конекција и капацитет за полнење на автобусите.

Со подготовката на пунктовите во Ѓорче Петров и Автокоманда, Скопје треба да ја добие основната инфраструктура неопходна за ставање во функција на новите автобуси по нивното пристигнување.