Skip to main content
Балкан

Мало дете повредено од напад на шакал на плажа на Халкидики

15/09/2026  17:33

Мало дете е хоспитализирано во солунска болница откога било повредено од диво животно, веројатно шакал, на плажа во Неос Мармарас на вториот крак на Халкидики, а ова е втор ваков случај за кус временски период, информираа од Ловечката федерација од областа Македонија и Тракија во северна Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Детето било нападнато пред неколку дена на плажа, а од болницата во која се лекува ја информирале Федерацијата дека станува збор за напад од шакал.

– Случајот предизвикува загриженост доколку станува збор за чакал бидејќи ова е вид од дивата фауна со доста плашливо однесување кон луѓето – посочија од Ловечката федерација.

Дополнително, информираа дека во истата поширока област пред два дена од диво животно бил нападнат и 55-годишен маж, кој побарал медицинска помош поради повреда во пределот на вратот.

Потсетија дека ова не се први случаи на напад и повреда од диво животно на Халкидики, со оглед на тоа што и лани во истиот период, односно во септември 2025 година, петгодишно девојче било нападнато од волк.

Од Ловечката федерација од северна Грција изразија загриженост и поради последниот случај на напад врз дете, но и укажаа на потребата од „сеопфатно и координирано справување со зголемената појава на интеракција меѓу дивите животни и луѓето во земјата“.