
Кина од денеска воведе нови ограничувања за патувањата во странство, кои вклучуваат забрана за напуштање на земјата за лица што ги прекршиле правилата за контрола на извозот или за трансфер на технологии, доколку тоа може да ја загрози националната индустриска и технолошка безбедност, јави ДПА.
Според новата регулатива, не е дефиниран максимален рок за овие забрани за излез. Дополнително, за граѓаните за кои ќе се утврди дека за време на престојот во странство ѝ нанеле штета на националната безбедност или на интересите на Кина, се предвидува забрана за патување во странство во времетраење од шест месеци до три години.
Пекинг ги образложува построгите мерки со потребата за заштита на технолошкото знаење и борбата против прекуграничните измами, незаконското коцкање и корупцијата. Властите наведуваат случаи во кои кинески државјани ја напуштиле земјата без дозвола и незаконски пренеле технологии во странство, иако можност за забрана за излез поради национална безбедност постоеше и досега. Сепак, критичарите во новите правила гледаат дополнително проширување на државната контрола врз слободата на движење.
Регулативата, која содржи 19 одредби и беше првично објавена во јули, ги проширува и барањата за претходно одобрение за патување во странство за одредени категории службеници. Додека со години партиските и државните службеници беа обврзани да ги предаваат личните пасоши на матичната институција и да бараат дозвола за патување со цел заштита на државните тајни, со новите правила дел од овие обврски сега се прошируваат и врз вработените во училиштата и другите јавни институции.
Новите правила го уредуваат и влезот во Кина, при што на странците што дале неточни информации при поднесувањето барање за виза или при самиот влез, може да им биде изречена забрана за влез во земјата во траење од една до пет години.

