Skip to main content
Балкан

Пронајдено е телото на капетанот на турскиот брод што потона во Мраморното Море, се трага по уште девет лица

15/09/2026  16:37

Спасувачките екипи во Мраморно Море го пронајдоа телото на капетанот Јашар Кајхан, што е прва жртва пронајдена во рамките на потрагата по десетте исчезнати членови на екипажот на турскиот трговски брод „Тугберк Имамоглу“, кој потона по судир со танкерот „Алсу“ во близина на Силиври, соопштија турските медиуми, повикувајќи се на Главното републичко обвинителство во Силиври.

Како што јави телевизијата НТВ, безживотното тело било пронајдено на околу пет километри од местото на несреќата и веднаш било пренесено во пристаништето во Силиври. По извршената експертиза во Институтот за судска медицина во Истанбул, официјално беше потврден идентитетот на капетанот Кајхан.

Потрагата по останатите девет членови на екипажот продолжува со непрекинат интензитет. Во операциите за пребарување на акваториумот се вклучени екипи на Командата на крајбрежната стража, Генералната дирекција за крајбрежна безбедност и Командата на Военоморските сили. Локацијата и остатоците од потонатиот брод претходно беа лоцирани со помош на турскиот спасувачки брод TCG „Акин“, кој е опремен со сонарни системи и подводен апарат на далечинско управување (ROV).

Трговскиот брод „Тугберк Имамоглу“, кој превезувал градежни материјали и валувана челична ламарина, потона на 2 септември годинава за само 11 минути, по судирот со танкерот „Алсу“ на околу 18 наутички милји од брегот на Силиври.

Во рамките на истрагата за поморската несреќа, што ја води Главното републичко обвинителство во Силиври, веќе се уапсени првиот и третиот капетан на танкерот „Алсу“, додека за останатите четворица членови на екипажот е одредена мерка судски надзор.