
Во време кога критичните минерали добиваат сè поголемо стратешко значење, Македонија треба да ги стави своите природни ресурси во функција на идниот развој, но тоа да го прави на одржлив и одговорен начин, порача професорот Ѓорѓи Димов.

Во гостувањето на Канал 5, деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот во Штип истакна дека европските политики јасно покажуваат оти минералните суровини стануваат прашање од стратешко значење.
„Сега е моментот да се приклучиме кон она што го прави Европа во однос на политиките и активностите за критичните минерали“, рече Димов.
Тој потсети дека Македонија располага со значајни депозити на минерални суровини и дека нивното одговорно искористување треба да биде дел од идните развојни политики.
„Ние не можеме без минералните суровини. Тие се природно предиспонирани таму каде што геологијата одредила да бидат“, истакна професорот.
Како пример за ресурс кој може да има значајно место во идниот развој на земјата, Димов го издвојува проектот „Иловица–Штука“.
„Иловица–Штука“ може многу лесно да биде издржан рударски проект, наоѓалиштето на бакар е големо“, одговори тој, говорејќи за можноста проектот да добие шанса.
Според Димов, користењето на минералните ресурси не треба да се гледа како спротивност на заштитата на природата. Напротив, современото рударство треба да се темели на технологии и практики кои овозможуваат искористување на ресурсите со минимален притисок врз околината.
„Треба да го искористиме она што ни го дава природата, на одржлив и издржан начин без притоа да се прави поголем притисок на природата и ресурсите околу рударските постројки“, порача Димов.
Во услови на зголемена глобална конкуренција за критични минерали, според него, Македонија има интерес навреме да го препознае сопствениот потенцијал и одговорно да го стави во функција на иднината.
„Ако во 2015 година, кога се завршени деталните геолошки истражувања, е констатирано дека постои сериозно наоѓалиште со сериозни резерви, односно технолошко-економски рудник за експлоатација, кога бакарот тогаш е околу 5-6.000 долари, сега цената на бакарот е 14,700… Мислевме дека до 2030 година ќе дојде до 15 илјади долари, но сепак до крајот на оваа година ќе дојде до 15 илјади. Никој не знае каде ќе му биде крајот. Значи, ако било исплатливо во 2015 година тоа да се експлоатира и да се започнат рударските проекти, да се завршат истражувањата и да се започне подготовка за идна експлоатација, јас мислам дека сега е глупаво и дегутантно да зборуваме дали е тоа исплатливо или неисплатливо“, дополни Димов.
Тој наоѓалиштето во Иловица го спореди со двете наоѓалишта во Грција, односно на Халкидики, за кои кажа дека се на само двесте километри од нас, од кои едното е на десет километри од плажите, а другото на 1,5 километри од морето. Професорот нагласи дека тамошните рударски проекти се странски инвестиции, преку големи странски корпорации коишто работат со свои грчки филијали. Тоа се странски инвестиции, како што додаде, кои инвестираат во еден сериозен систем, не само на експлоатација и екстракција, туку и на сериозен систем на мониторинг за заштита на животната средина.
„Тоа е едно големо наоѓалиште, коешто голем дел од него е истражено и е многу слично со оние наоѓалишта во Грција и по генетски тип припаѓаат на ист тип на порфириски наоѓалишта на бакар и злато коишто веројатно ќе се експлоатираат на ист начин на којшто се експлоатираат грчките наоѓалишта, иако нашите геолози имаат пресметано поголеми резерви во Македонија. „Иловица-Штука“ е и тоа како интересна за експлоатација и повеќе од јасно е дека многу лесно може да биде издржан рударски проект“, заклучи Димов.
Тој се осврна и на состојбата во светот и трката по критични минерали, велејќи дека Европа решила дека треба да се врати на својата минерална база и своите минерални суровини и затоа со Директивата за критични минерали од 2023 година веќе се ограничува времетраењето за издавање на дозволи и лиценци за отворање на рудници. Поради тоа, додава Димов, Европа сега врши обука на кадри за експлоатација на критични минерални суровини, а кај нас иако е интерес намален кадри постојат.
„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се бават со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа се уште постојат активни студиски програми и се уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животна средина“, истакна универзитетскиот професор.

Според него, рударството мора да биде одржливо и мора да биде максимално во согласност со животната средина. Димов вели дека тоа е возможно и кај нас и неколку години наназад проекти од Факултетот, со имплементирана најнова технолошка опрема, се спроведуваат во рудниците во Источна Македонија и во нив се имплементирани најголем дел од еколошките мерки.

