Skip to main content
Економија

Мицкоски: Литар дизел-гориво без владината поддршка ќе биде поскап за над 11 денари

15/09/2026  09:19

Во Централниот дневник на МРТ гостуваше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој истакна дека во услови на глобална енергетска криза, цените на горивата во Македонија се убедливо најниски во Европа, при што, според него, владините мерки значително го намалуваат ударот врз стандардот на граѓаните.

Премиерот Мицкоски во своето гостување посочи дека без владините мерки, дизел-горивото би било поскапо за 11 до 11,5 денари по литар, истакнувајќи дека тоа значи директна заштеда од повеќе од 250 илјади евра дневно за граѓаните.

„Ќе ви дадам една пресметка, еве на пример, за дизел-горивото. Дизел-горивото, кога не би биле овие мерки на Владата, би било поскапо за 11 до 11,5 денари по литар. Што значи тоа во пари? Тоа значи повеќе од 250 илјади евра на ден. Толку е заштедата со мерките на Владата што ја прават граѓаните — кога зборувам за заштеда, зборувам за директната заштеда. Кога на тоа ќе го додадеме и безоловниот 95- и 98-октански бензин, тогаш ќе дојдеме до повеќе од 300 илјади евра на ден директна заштеда кај граѓаните”, истакна Мицкоски.

Мицкоски оцени дека пониските цени на горивата имаат ефект и врз инфлацијата, бидејќи се намалуваат трошоците во целиот економски синџир.

„Тоа понатаму во синџирот имплицира ниско ниво на инфлација, а тоа ниско ниво на инфлација е меѓу најниските во Европа за јули и за август и е во рамките од 2 до 3% — нешто што денеска претставува природна инфлација според оние пораки коишто ги испраќаат Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка”, вели Мицкоски.

Според претседателот на Владата, Мицкоски, владините мерки во следните две недели ќе обезбедат директна заштеда во буџетот на граѓаните од 4 до 4,5 милиони евра, додавајќи дека земјава има доволно резерви и стабилно снабдување со гориво.