Skip to main content
Македонија

Велковски: На граѓаните ќе им се овозможи да докупат до две години стаж за пензија

14/09/2026  23:05

Граѓаните кои ја достигнале законската возраст за пензионирање, но немаат доволно работен стаж за да го исполнат минимумот од 15 години, ќе добијат можност сами да ги уплатат придонесите за периодот што им недостига. Сепак, ова право нема да важи за сите – услов ќе биде лицето веќе да има најмалку 13 години остварен работен стаж.

Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, посочувајќи дека законското решение веќе се разгледува во рамките на Владата.

Според предложениот модел, можноста за докуп на стаж ќе се однесува на лица кои веќе не се активни осигуреници и кои ја достигнале старосната граница за пензионирање – 62 години за жени и 64 години за мажи.

Тоа значи дека граѓанин кој, на пример, има 13 години стаж, ќе може да уплати придонеси за уште најмногу 24 месеци и на тој начин да го достигне законски потребниот минимум од 15 години за стекнување право на старосна пензија.

„Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62-64 години, нели жени-мажи, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот“, рече Велковски.

Министерот објасни и како би се пресметувала сумата што граѓаните ќе треба да ја платат. Основицата нема да биде целата просечна плата, туку 50 проценти од просечната плата од претходната година, а на таа сума ќе се пресметува придонесот за пензиско осигурување.

На пример, доколку просечната нето-плата изнесува 45.000 денари, основицата би била 22.500 денари. Со стапка на придонес од 19,9 проценти, тоа би значело околу 4.478 денари за еден месец стаж. Според овој илустративен пример, докуп на 12 месеци би чинел околу 53.730 денари, додека за максималните 24 месеци сумата би била околу 107.460 денари.

Конечната сума, сепак, ќе зависи од бројот на месеци што му недостигаат на секој граѓанин, како и од основицата утврдена согласно законот.

По уплатата и исполнувањето на минимумот од 15 години стаж, граѓанинот ќе може да оствари право на пензија. Висината на пензијата нема да се определува според сумата платена за докупениот стаж, туку според редовната законска формула и примањата на кои лицето било осигурено во текот на работниот век.

„Зависно колку имале во 13-те години, формулата која ќе произлезе – значи од 13 години колку штедел, на каква плата бил пријавен итн., ќе се покаже самата формула дополнително“, објасни Велковски.

Со предложеното решение практично се отвора пат до пензија за лицата кои ја достигнале старосната граница, но поради недостиг од најмногу две години стаж досега не можеле да го исполнат основниот услов од 15 години.