
На 21 октомври 2026 година, во Куманово ќе се одржи првото издание на „Вински Приказни“ – нов патувачки вински настан чија цел е да ја шири и продлабочува винската култура во Македонија, со посебен фокус на нејзиното приближување до новите генерации љубители на виното.
Настанот ќе се одржи во ресторан Бастион, рустикален, но раскошен простор во Куманово, кој за оваа пригода ќе прими до 200 поканети гости.
Програмата е внимателно креирана како целосно вечерно доживување и вклучува дегустација на вина и дестилати од околу 15 избрани македонски винарии и дестилерии – од семејни визби до добро познати вински брендови.
Гостите ќе имаат можност да слушнат вински приказни и едукативни сегменти од енолози и сомелиери, да уживаат во кулинарската програма под раководство на Шеф Марко Божиновски, а вечерта ќе биде збогатена и со приказните на легендарниот кумановски актер Горан Илиќ – Гиле.
За музичкиот дел од програмата се задолжени Александар и Дац, кои со својата музика ќе ја заокружат атмосферата на вечерта.
Настан кој раскажува: „Вински Приказни“ не е вински саем. Тоа е доживување.
Внимателно составена вечер во која секоја чаша вино ја носи приказната на визбата зад неа, а секое јадење е избрано да ја надополни и продлабочи таа приказна.
Гостите ќе бидат распоредени околу високи маси, додека храната ќе се послужува на голема заедничка маса – концепт кој поттикнува дружење, разговор и споделување.
Посебна атракција е Дигиталниот Вински Пасош – дигитален систем со вински печати, ексклузивно креиран за „Вински Приказни“. Преку него, гостите ќе ги откриваат винариите, ќе собираат дигитални печати и ќе останат поврзани со винските приказни и по завршувањето на настанот.
Среќата е дел од приказната
Дополнителна димензија на вечерта носи Тркалото на среќата – наградна игра во која секој гостин добива гарантирана награда. Меѓу наградите ќе има и колекционерски шишиња вино, лично потпишани од енолозите на винариите, што на гостите ќе им овозможи да понесат дома дел од приказната што ја доживеале во текот на вечерта.

„Вински Приказни“ е замислен како почеток на патување низ македонското вино – патување кое ќе продолжи и во други градови, со нови винарии, нови приказни и нови луѓе околу една иста страст: добро вино и добро друштво.

