
Израелскиот министер за култура, Мики Зохар, се закани дека ќе им го одземе државјанството на режисерите Јувал Абрахам и Рејчел Сор, чиј документарец за израелските воздушни напади во Појасот Газа во саботата освои специјална награда од жирито на Филмскиот фестивал во Венеција.

Филмот „НАЗА“ прикажува анонимни интервјуа со 24 членови на израелската разузнавачка служба кои зборуваат за воени операции и напади во Газа. Интервјуата се снимани ноќе на покривите во Тел Авив.
„НАЗА“ е хебрејска кратенка за термин што наводно се користи за проценка на бројот на цивили кои би можеле да бидат убиени во воен напад.
Зохар ги обвини Абрахам и Сор дека се подготвени „да им наштетат на својата татковина за да добијат аплауз од антисемитите ширум светот“.
„Ќе дејствувам веднаш за да им го одземам израелското државјанство на овие презриви автори поради предавство“, напиша Зохар на социјалната мрежа Икс.
Министерот за национална безбедност од редовите на крајната десница, Итамар Бен-Гвир, исто така се огласи, нарекувајќи ги авторите „срам и блам за Израел“.
„Сигурен сум дека вашите пријатели, односно нашите непријатели од Хамас во Газа, ќе ве пречекаат со раширени раце“, напиша Бен-Гвир на Икс.
Израелската армија ги отфрли обвинувањата во филмот. Портпаролот на војската, одговарајќи на тврдењата во документарецот, го обвини Хамас за намерно поставување воена инфраструктура во цивилни области.
Според Обединетите нации, повеќе од 20.000 деца се убиени во Газа од октомври 2023 година.
Филмот, исто така, се занимава со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

По нападот, Израел започна воздушни напади врз Појасот Газа, што предизвика големо уништување во областа.

