
Производителите на пиперки денеска, 14 септември, излегуваат на протест и најавуваат целосна блокада на регионалниот пат Прилеп – Битола, незадоволни од состојбата во земјоделството и условите во кои годинава го пласираат своето производство.
Блокадата е најавена од 10:00 до 11:00 часот на сообраќајниот јазол кај селото Тополчани, објави 4news.mk. Во тој период сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола, како и во обратна насока, ќе биде целосно прекинат за патнички и товарни возила.
Организаторите ги повикуваат земјоделците од целиот регион масовно да се приклучат на протестот. Тие посочуваат дека незадоволството не е ограничено само на производителите на пиперки, туку дека со сериозни проблеми се соочуваат и земјоделците од другите гранки.
Според нив, ниските откупни цени и тешките услови за производство ја доведуваат во прашање исплатливоста на земјоделството и егзистенцијата на голем број семејства кои живеат од него.
„Земјоделците не протестираат за да им создаваат пречки на останатите учесници во сообраќајот, туку поради тоа што се доведени во прашање нивната егзистенција и опстанокот на производството. Очекуваме институциите конечно да ја преземат одговорноста и да понудат конкретни мерки“, порачуваат незадоволните земјоделци.
И покрај целосната блокада, ќе има исклучоци за итните служби. Ќе бидат пропуштани возилата на Итната медицинска помош, како и приватните возила во кои се превезуваат болни лица. Непречено ќе можат да поминуваат и возилата на полицијата, Армијата и противпожарните служби.
Протестот доаѓа во период на зголемено незадоволство меѓу земјоделците, кои бараат конкретни и итни мерки од институциите за надминување на проблемите со откупот и одржување на домашното земјоделско производство.
Производителите предупредуваат дека без решение на проблемите сè поголем број земјоделци ќе бидат принудени да се откажат од производството, поради што бараат институциите да реагираат пред состојбата дополнително да се влоши.

