
Откако Канада и САД влегоа во најтешкиот трговски конфликт во модерната историја, канадскиот премиер Марк Карни го забрза планот за посилни економски и политички врски со Европската Унија, објави „Волстрит џурнал“ .

Карни во последните месеци разговараше приватно со речиси секој водечки европски лидер – од Франција, Италија и Германија до скандинавските земји – за тоа како поблиску да ја поврзе Канада и нејзините 41 милион жители со ЕУ.
Бара најдлабока можна врска со ЕУ
Според луѓе запознаени со разговорите, трговската војна со САД го забрза вртењето на Канада кон Европа. Во европските политички кругови, Канада веќе почна да се нарекува, делумно на шега, „најновата членка на ЕУ“.
Карни му наложи на својот специјален претставник за Европа да ги испита најамбициозните модели на соработка што нема да вклучуваат полноправно членство на Канада во Европската Унија или во нејзиниот единствен пазар.


