Skip to main content
Свет

Иран соопшти дека арапските министри за надворешни работи в понеделник во Оман ќе потпишат договор за пловидба низ Ормуз

12/09/2026  15:53

Министрите за надворешни работи на арапските земји ќе се сретнат в понеделник во главниот град на Оман, Маскат, за да потпишат договор за воспоставување заедничка иранско-оманска поморска рута низ Ормуската Теснина, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

– Оваа недела, в понеделник, министрите за надворешни работи на арапските земји ќе се сретнат во Маскат за да потпишат договор за воспоставување заедничка рута меѓу Оман и Иран во Ормуската Теснина и ќе ја известат Меѓународната поморска организација за договорот – рече Пезешкијан во интервју за индиската телевизија „Индија Тудеј“ објавено денеска.

– Земјите чии територии беа искористени за лансирање напади против нас од страна на САД исто така ќе присуствуваат на оваа средба – додаде тој.

Коментирајќи ја војната со САД и економскиот притисок наметнат врз Иран, Пезешкијан рече дека Вашингтон не успеал да ги постигне своите цели со воени средства и затоа се свртел кон економски мерки.

– Тие не можеа да ги постигнат своите цели преку војна, поради што се свртеа кон економски притисок, но ние нема да запреме – рече тој.

Во врска со американската поморска блокада на Иран, иранскиот претседател изјави дека неговата земја не зависи целосно од поморските патишта.

– Морските рути секако не се нешто од што зависи нашиот опстанок, па тие ниту на овој начин нема да можат да ги постигнат своите цели – рече тој.

Пезешкијан изјави дека Иран повторно ќе ја отвори Ормуската Теснина кога САД ќе ги прекинат блокадата и нападите.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи вчера изјави дека Оман в понеделник ќе биде домаќин на регионална министерска средба, со учество на осум држави кои граничат со Заливот.

Багеи рече дека на средбата ќе се разговара за регионални прашања и за исходот од иранско-оманските разговори за одредување безбедни рути за комерцијалните бродови во Ормуската Теснина.

Тој наведе дека Иран работи на гарантирање на безбедноста во овој воден пат, но нагласи дека безбедноста на бродовите не може да се гарантира сè додека продолжуваат американската поморска блокада и воената интервенција.

Засега нема непосредна потврда од Оман за средбата в понеделник.

Минатиот понеделник, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, изјави дека договорот со Оман за нов коридор низ Ормуската Теснина ќе биде потпишан за неколку дена.

Резаи рече дека влезот и излезот од предложениот коридор ќе бидат под иранска контрола.