
Паркот на Франкофонија синоќа беше претесен за сите што дојдоа заедно да прослават 50 години Општина Центар. Многу музика, насмеани лица, публика од сите генерации и македонски песни што се пееја во еден глас ја одбележаа четвртата година на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане”.

Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и 2 Бона приредија вистинска музичка вечер за паметење, со публика која пееше заедно со нив од почеток до крај. За расположението и смеата се погрижи Сашко Коцев, кој со својот препознатлив хумор и непосредност ѝ даде посебен печат на целата вечер.
Градоначалникот Горан Герасимовски од сцената им се обрати на присутните и им се заблагодари што во толку голем број дојдоа заедно да го одбележат јубилејот на Општината.
„Вечерва не сум овде пред вас само како градоначалник. Тука сум како еден од вас – како сосед, како пријател, како човек кој го сака Центар. Вечерва славиме половина век Центар, половина век генерации кои растеле тука, создавале семејства, пријателства и спомени и го правеле Центар тоа што е денес. Ви благодарам што сте тука и што овој јубилеј го славиме заедно”, порача Герасимовски.
„Нешто што ќе остане” веќе четврта година е настан посветен на македонската музика и домашните изведувачи. Герасимовски нагласи дека токму тоа е идејата која Општина Центар сака да ја продолжи и во иднина.
„Имаме одлични македонски музичари и уметници и тие заслужуваат сцена, публика и поддршка. Сакавме овој настан да биде наш – со наша музика, наши изведувачи и наша публика. Тоа го правевме досега и тоа ќе продолжиме да го правиме”, истакна Герасимовски.
А синоќешната слика од Паркот на Франкофонија најдобро покажа зошто – илјадници луѓе, различни генерации, македонска музика и една заедничка причина за славење – 50 години Центар.

