
Пензионерите бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензијата, за да се обезбеди еднаквост на сите пензионери. Велат дека оние што имале повисоко образование, повеќе стаж, извршувале посложени работни задачи, уште на самиот почеток имат пресметана повикока основица на пензија и со тоа поголема пензија. Тука, нагласуваат, сите разлики треба да престанат затоа што по одењето во пензија, никој не придонесува ништо, а трошоците за живот се зголемуваат исто за сите.Ќе бараат законски да се регулира линералното зголемување на пензиите. Процентот, велат, може да се одредува во согласност со трошоците на живот, но сумата треба рамномерно да се распореди. Не може некој со 90 илјади пензија, како што нагласуваат, да добие 3.000 денари зголемување, а оние со 20 илјади 600 денари, кога трошоците за сите се зголемуваат исто.

„Главните параметри за формирање пензија, како работен стаж, школска спрема, работно место, сето тоа е опфатено и вградено во решението за соодветната пензија. Врз основа на овие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Или за оние што реагираат – јас учев или јас имам долго работено, јас повеќе одвојував – појаснуваме дека сето тоа е вградено во решението за пензија и тука завршува сè во врска со разликите. Но, по одење во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо, скршен денар не вложува во Фондот, понатаму сите пензионери сме еднакви“, истакна Кирил Јосифовски, претседател на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, кој, како што рече, го покрива југозападниот дел на Македонија.
Затоа, поради овие аргументи, како што велат од иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите на Република Македонија, линеарното зголемување треба да остане правно мерило и тоа ќе го бараат на денешната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
„Сега, на средбата со министерот, ќе инсистираме тоа прашање да се уреди со закон, бидејќи Владата има мнозинство да го донесе. Очекуваме и бараме до наредното мартовско зголемување ова прашање законски да се уреди и натамошното делење на пензиите да биде линеарно“, рече Јосифовски.
Трајчо Митев од Штип, претседател на иницијативниот одбор од овој град, потенцира дека на средбата со министерот ќе бараат законското решение да се најде пред парламентот и пратениците да одлучат какво ќе биде покачувањето – линеарно или процентуално.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе во согласност со законскиот механизам, а конечниот процент сè уште се пресметува.

