
На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

На настанот во Лондон на кој беше доделен трофејот за „Babuna Red 2023” присуствуваа претставници на големи светски малопродажни синџири, купувачи, увозници, дистрибутери и производители, како и професионалци од угостителскиот сектор и едукатори од областа на винската индустрија. На свеченоста им се оддава признание на победниците на натпреварот, но и на поединците кои ја обликуваат иднината на виното во Велика Британија и на глобално ниво.
„Овој трофеј е големо признание за ‘Тиквеш’ и за целиот тим кој неуморно и со огромна љубов и страст континуирано работи на квалитетот на нашите автентични вина, меѓу кои секако е и ‘Babuna red 2023’. Оваа престижна награда има големо значење за натамошното глобално позиционирање на ‘Тиквеш’, бидејќи претставува потврда за автентичноста и константно високиот квалитет на нашите вина. Истовремено, таа придонесува за уште поголема препознатливост и зајакнување на имиџот на Македонија како винска земја со богата традиција, уникатни тероари и вина со светски потенцијал“, изјави Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, заблагодарувајќи им се на организаторите и на стручното жири на IWC за доделеното признание.
Создадено од внимателно избран спој на сортите плавец, вранец и шираз, „Babuna Red 2023“ носи силен карактер, длабочина и современ вински израз, препознатлив за вината на „Тиквеш“. Според оценките на IWC, станува збор за „одлична комбинација на моќ и елеганција“, односно за богато, но одмерено вино со интензивни ароми на шумско овошје, комплексни зачински ноти и суптилни зрели тонови.
Дополнителна вредност и автентичност на ова вино му дава и тероарот од кој произлегува, регионот Бабуна во срцето на Македонија, обликуван од влијанието на планината Клепа, реките Бабуна и Вардар, како и од специфичниот спој на континентална и медитеранска клима. Разновидните почви богати со хранливи материи и локалниот биодиверзитет создаваат природна рамнотежа што овозможува постепено зреење на грозјето и развој на изразени ароми, богат вкус и препознатлив карактер на виното.
International Wine Challenge е еден од највлијателните и најценети вински натпревари во светот, основан во 1984 година. Секоја година вина од над 50 земји се оценуваат од повеќе од 500 врвни меѓународни експерти, меѓу кои мастери за вино, врвни сомелиери, винари, критичари, купувачи и едукатори. Оценувањето се спроведува преку дегустација „на слепо“ и детална повеќестепена анализа, при што секое вино се дегустира најмалку двапати во различни денови, а финалните одлуки дополнително ги потврдуваат водечките судии на натпреварот, со цел да се обезбеди максимална објективност и конзистентност на резултатите.
Издвојувањето на „Babuna Red 2023“ како највисоко оценето црвено вино од Македонија на годинешното издание на IWC, е уште една потврда дека „Тиквеш“ продолжува да создава вина кои успешно се натпреваруваат и се вбројуваат меѓу најдобрите во светски рамки.


