Skip to main content
Економија

Владата прави методологија струјата да не поскапи, а ако е можно – и да поевтини

09/09/2026  16:33

Владата прави методологија за да се задржи истата цена на струјата, но се обидува македонските граѓани да имаат и поевтина струја – најави денеска при посетата на Штип претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања дали ќе се зголеми цената и каква е енергетската слика во земјата.

– За струјата, правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да се обидеме да ја поевтиниме – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека откако е оваа Влада, граѓаните, домаќинствата, реално немаат зголемување на цената на електричната енергија и покрај сите предизвици и, како што рече, „покрај тоа што сме во пикот на најголемата енергетска криза, која човештвото ја памети, а тоа е војната во Арапскиот Залив“. Премиерот посочи дека и покрај сите предизвици, состојбата со струјата е стабилна.

​- Покрај сите тие предизвици, денеска кога ме прашувате, јас можам да кажам дека состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима, ќе имаме снабдување со електрична енергија во согласност со потребите на граѓаните и бизнисот. Ние како Влада сме фокусирани на тоа, ги подготвуваме нашите производни капацитети. Грејната сезона ќе почне за еден и пол месец, еве максимум, во зависност од временските услови, некаде на почетокот на ноември, но ние ги подготвуваме енергетските капацитети, се подготвуваме за зимата и во таа насока ќе продолжиме и понатаму да се фокусираме – вели Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека акумулациите се на ниво од речиси 50 %.

– Цела Европа се соочува со низок водостој на реките. Ова лето се исклучуваа нуклеарни централи, термоцентрали, хидроцентрали. Ние тоа не го правевме, напротив. Работиме со план, чекор по чекор. Знам дека не е сè идеално, знам дека е тешко, но е многу подобро за разлика пред три години и убеден сум дека за три години ќе биде многу подобро од денес – истакна Мицкоски.

​Претседателот на Владата истакна дека што се однесува до цените на горивата и на другите нафтени деривати, имаме убедливо најниски цени во регионот, до половина евро за литар пониски од земјите во регионот ако се споредиме со Грција, Албанија, Србија.

– Се разбира дека и во моментот аплицираме мерки, а тоа е редуцираното ниво на акцизата, но во зависност од интензитетот на кризата, така ќе ги димензионираме мерките. Затоа што многу е важно и да се одржат макроекономската и фискалната стабилност на земјата во услови на ваков тип глобални предизвици – две војни, сепак не е малку, а воедно да успеете да ја задржите стабилноста во буџетот, да генерирате раст, кој беше 4,3 % на реална основа во вториот квартал, кој е само продолжување на растот од првиот квартал од 3,1 %, да го спуштите нивото на инфлација од 2,3 и 2,6 %, да го зголемите извозот – тој да расте побргу од увозот, да ја зголемите вработеноста, да креирате нови 17.000 работни места и сето тоа се предизвици кои изминативе 26-27 месеци се решаваат – рече Мицкоски по пуштањето на новиот Спортско-рекреативен центар „Џексон“ во Штип.