
„Меморија“ била на сцената во еден од најзначајните моменти во современата македонска историја – вечерта на 8 Септември 1991 година, кога граѓаните го прославувале исходот од референдумот за независност.
Петар Георгиевски – Перо Камиказа, во специјалното „Отворено студио“ на 4ТВ по повод 35 години независност, се присети на историската вечер, огромниот број граѓани и емоциите што владееле додека Македонија ја прославувала одлуката за самостојна држава.
Георгиевски раскажа дека „Меморија“ настапувала непосредно пред полноќ. Додека се приближувал историскиот момент, членовите на групата биле на сцената, пред многубројната публика која ја славела независноста.
По прогласувањето следувал огномет, а потоа „Меморија“ ја извела „Оган под ѕвездите“.
Според Георгиевски, огромен број граѓани ја пееле песната заедно со групата, создавајќи атмосфера која и три и пол децении подоцна останува силно врежана во неговото сеќавање.
„Многу бројна публика во тоа време пееше со нас и јас можам да ви кажам дека и денес кога ќе се потсетам, емоциите се недвојбено големи“, раскажа Георгиевски во „Отворено студио“.
За него и за членовите на „Меморија“, тоа не бил само уште еден музички настап. Биле на сцената во момент кога пред нив се испишувала нова страница од македонската историја.
Георгиевски вели дека чувството на гордост било огромно, бидејќи имале можност со својата музика да бидат дел од прославата на моментот кој за многумина претставувал остварување на вековниот стремеж за сопствена држава.
„Гордост беше да учествувате во едно ново време за Република Македонија, сонот на сите Македонци. Вековниот сон за својата држава“, се присети тој.
Токму затоа 8 Септември за „Меморија“ не останал само датум во историјата. Тоа е и личен спомен на членовите на групата од вечерта кога пред илјадници граѓани музиката, огнометот и прославата се споиле со раѓањето на независна Македонија.


