
Соопштение за јавност на Левица:
Координаторот на Сектор финансии и член на Централниот комитет на Левица, Марјан Димитриев, како делегат на програмата „New Generation”, деновиве учествуваше на 11-то издание на Eastern Economic Forum во Владивосток, Русија – меѓународен форум посветен на економскиот развој, инвестициите, инфраструктурата, технологијата и меѓународната соработка, со посебен акцент на новите економски можности и промените во глобалната економија.
Во рамки на форумот, Димитриев присуствуваше на повеќе сесии со учество на високи претставници на руската политика и дипломатија, меѓу кои министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, како и меѓународни експерти, економисти и претставници на бизнис-секторот.
Тој присуствуваше и на пленарната сесија на форумот, на која се обрати претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, заедно со високи претставници од повеќе држави.
За време на престојот во Владивосток, Димитриев оствари повеќе средби и разговори со претставници од различни земји, политички и општествени организации и економскиот сектор, при што беа отворени и прашања за воспоставување идни контакти и можности за соработка со Македонија.
Светот забрзано се движи кон мултиполарен меѓународен поредок, во кој расте значењето на нови економски центри и алтернативни формати на економска и политичка соработка. Во такви услови, Македонија не смее вазалски да го стеснува сопствениот простор за дејствување, туку мора да гради односи во повеќе правци, да отвора нови пазари, да бара инвестиции и економски партнерства и да воспоставува комуникација со сите држави со кои постои заемен интерес.
За Македонија диверзификацијата на меѓународната соработка претставува политичка и економска неопходност. Надворешната политика е недозволиво да биде сведена на прифаќање туѓи геополитички приоритети како сопствени. Потребна е активна, суверена и прагматична политика која ќе ги користи можностите во интерес на Македонија.
Мора да се разговара со сите, а да се одлучува според сопствениот интерес. Македонија мора да биде земја која не ја заменува дипломатијата со послушност, а меѓународната соработка треба да се мери според конкретната корист за државата и граѓаните.

