Skip to main content
Македонија

Љутков од Херцег Нови: Република Северна Македонија е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ- јакнење на културата во функција на одржливиот равој

06/12/2024  16:02

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска  во Херцег Нови, имаше свое обраќање на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа-јакнење на културата во функција на одржливиот равој (КОМОКОСЕЕ) на кој Република Северна Македонија и официјално го презеде од Црна Гора претседавањето со ова значајно тело во период од една година.

Во своето обраќање пред присутните министерот Љутков рече дека има големи очекувања од регионалната соработка, за која верува дека ќе се продлабочи и ќе се интензивира следната, 2025 година.

„Верувам дека во годината кога одбележуваме 20 години од потпишувањето на Повелбата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, ќе успееме да ги завршиме преговорите  за формирање на Фондот за културна соработка, за кој сме согласни дека ќе претставува уште еден механизам за зацврстување на регионалното поврзување преку нови идеи и решенија, со што ќе дадеме значаен придонес во обезбедувањето сигурен напредок на културата”, порача Љутков.

Претходно, министрите за култура и шефовите на делегациите на земјите членки разговараа за зацврстување на соработката во Култура и уметност за одржлив развој во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.