
Голем пожар на отворено попладнево избувна во атарот на скопското село Грачани, во Општина Ѓорче Петров, во непосредна близина на македонско-косовската граница.
Поради интензитетот на огнот, густ бел чад се издига над планинскиот предел и е видлив од повеќе делови на скопската котлина.
На снимките се гледа како голема количина чад се издига од пограничниот предел и се шири кон пошироката околина.
Според првичните информации, огнот зафатил сува трева и нискостеблеста шума, а станува збор за тешко пристапен терен, што дополнително ја отежнува интервенцијата на противпожарните екипи.
Ветерот го разнесува чадот кон пониските делови, а миризба на изгорено веќе се чувствува во делови од Скопје.
Надлежните служби ги засилуваат активностите на терен со цел пожарот да биде ставен под контрола и да се спречи негово понатамошно ширење кон околните шуми и пограничниот појас.

