
Прва блокада во вода беше организирана денеска на Охридското Езеро, каде граѓани со СУП даски пренасочуваа бродови, глисери и скутери, барајќи да се почитуваат правилата за пловидба и безбедноста на крајбрежјето.
Акцијата ја организираше здружението „Стар Лагадин“, со поддршка од „Зелена народна стража“, а организаторите велат дека на ваков чекор се одлучиле поради, како што тврдат, недоволната реакција на надлежните институции.
Учесниците со СУП даски излегоа во езерото и ги пренасочуваа пловилата кон законски пропишаната оддалеченост од брегот. Потоа протестот продолжи на копно, каде присутните гласно побараа поголема безбедност и посериозна заштита на Охридското Езеро и неговото крајбрежје.
„Дали треба да се случи трагедија за институциите да почнат да ги спроведуваат законите? Во езерото? На патот?“, прашуваат организаторите, кои предупредуваат и на опасностите од неконтролираната урбанизација и состојбата во Лагадин.
Тие упатија критики и во однос на спроведувањето на препораките на УНЕСКО, оценувајќи дека долгогодишното одложување на мерките за заштита на Охридскиот Регион дополнително ја влошува состојбата.
Од протестот беа испратени повеќе конкретни барања: почитување на Законот за внатрешна пловидба, казнување на прекршителите и јасно обележување на границите на пловните патишта; означување пешачки премини и поставување сообраќајни знаци за регулирање на брзината долж населените места на охридското крајбрежје; итно донесување на просторниот план за крајбрежјето и истрага за причините за неговото пролонгирање.
Организаторите дополнително бараат антикорупциска истрага за постапката за издавање градежна дозвола за спорниот хотел во Лагадин, како и отстранување на сите дивоградби во подрачјето заштитено од УНЕСКО.
Од „Стар Лагадин“ порачуваат дека нивната цел е институциите да почнат доследно да ги применуваат законите пред да се случи несреќа и да преземат конкретни чекори за зачувување на Охридското Езеро и неговиот УНЕСКО статус.



