
Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска најави дека Париз ќе ја зголеми поддршката за Украина, по последниот смртоносен руски напад врз трговски центар во Кривиј Рог.
Макрон на платформата „Икс“ објави дека телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нападот во кој загинаа 16, а беа повредени 130 лица.
„Го известив претседателот Зеленски дека ја зголемуваме нашата поддршка со испорака на пресретнувачки ракети и продолжување на соработката“, напиша Макрон.
Зеленски од своја страна посочи дека двајцата лидери пред се разговарале за потребата од зајакната противвоздушна одбрана. Тој додаде дека било договорено забрзување на испораките на најнова француска воена опрема и ракети.



