Skip to main content
Балкан

(Фото) Хрватската полиција трага по Бојана родена во Штип, била обвинета за сокривање убиство

22/08/2026  12:11

Хрватската полиција пријави дека е исчезната Бојана Пешевска, 33-годишна жена која минатата година беше обвинета за фалсификување документи, потврдување лажна содржина и непријавување кривично дело во врска со брутално убиство во Карловац.

На страницата Nestali.hr е наведено дека Пешевска исчезнала на 17 август и дека избегала со малолетно дете.

Пешевска е родена во 1993 година во Штип, Северна Македонија. Висока е 165 сантиметри, средно градена, има руса коса и кафеави очи. Носот и ушите ѝ се со средна големина, а лицето ѝ е тркалезно. Носи чевли со број 40.

Во моментот на исчезнувањето, таа носела кратка, широка маица со натпис, кратки спортски панталони и патики. 

Со исчезнувањето се занимава Полициската управа Вировитика-Подравине. 

Полицијата ги повикува сите што имаат информации за Бојана Пешевска или каде се наоѓа, да се јават во најблиската полициска станица или да се јават на бројот 192. Информациите може да се достават и преку е-пошта на nestali@nestali.hr , објави Index.hr.

Автомобилот на жртвата си го префрлила на себе

Да ве потсетиме дека во септември минатата година, Окружното државно обвинителство во Карловац поднесе обвинение против 25-годишниот Јуре Удоровиќ за тешкото убиство на Амар Софиќ (34) од Зеница.

Тој е обвинет дека ја дрогирал жртвата со алкохол и апчиња, потоа ја претепал и ја фрлил во реката Купа во беспомошна состојба, каде што таа се удавила. Сето ова го направил за да стигне до БМВ-то на Амар.

Пешевска е обвинета дека го префрлила сопствеништвото на автомобилот на Амар на себе, иако знаела дека е убиен, користејќи фалсификуван договор за продажба. Таа е обвинета за фалсификување документи, потврдување лажна содржина и непријавување кривично дело.

Амар беше убиен на почетокот на ноември 2024 година. Неговото тело беше пронајдено на 14 ноември на устието на реките Корана и Купа. Убиецот веќе беше уапсен за ситна кражба, но дури подоцна беше откриено дека тој е сторител на тешко убиство.