Skip to main content
Македонија

Крум Ефремов ќе биде македонски амбасадор во Софија

18/08/2026  12:32

Во тек се подготовките за заминување на дипломатот Крум Ефремов за амбасадор во Софија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

– Кога се работи за амбасадорот во Софија, веќе постапката е во фаза да таа веќе не е класифициран податок и можам јавно да споделам дека наш амбасадор во Бугарија ќе биде амбасадорот Крум Ефремов, професионален дипломат, еден од поквалитетните, би рекол, дипломати според мое мислење, иако имаме одлични колеги во рамките на МНР, но навистина квалитетен наш дипломат, актуелен директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството, којшто служел како наш амбасадор во Украина во минатото и тој ќе биде наш амбасадор во Софија. Во моментот течат подготовките за негово заминување во Софија, рече Муцунски.

Министерот потсети и на измените на Законот за надворешни работи, со кои, како што посочи, е зголемен прагот за застапеност на професионални дипломати на амбасадорски и конзулски позиции.

-Со измените и дополнувањата коишто оваа Влада ги направи, а одобрени секако од Собранието, најмалку 50 проценти од нашите амбасадори и генерални конзули мора да бидат професионални дипломати од Министерството за надворешни работи. Праксата покажала дека предлозите коишто ги имаме пуштено од моментот кога ние ја имавме формирано Владата, над 60 отсто од кандидатите за генерални конзули и амбасадори се професионални дипломати. Значи, не само што се почитува законското решение, туку одиме и над минимумот којшто ние го поставивме на таков висок праг, посочи Муцунски.

Во однос на информациите за можниот нов амбасадор во Атина, Муцунски рече дека засега не може да го коментира името бидејќи постапката сè уште е во класифицирана фаза.