Skip to main content
Балкан

Почина Ведрана Рудан

18/08/2026  10:53

Хрватската писателка, колумнистка и новинарка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст по долга и тешка борба со карцином, објавено е на нејзината официјална страница на Фејсбук. Во објавата се наведува дека Рудан „заминала на подрачје без сигнал“. 

Веста за нејзината смрт за порталот „Шоубаз“ ја потврдија и извори блиски до писателката. 

Ведрана Рудан, родена на 29 октомври 1949 година во Опатија, беше една од најчитаните, но и најконтроверзните современи хрватски писателки, колумнистки и новинарки. Беше позната по својот остар, директен и провокативен стил на пишување, без цензура.

Завршила Педагошка академија во Риека, на отсекот за хрватски и германски јазик. Пред целосно да му се посвети на пишувањето, работела различни работи – како учителка, туристички водич, продавачка на сладолед и новинарка. 

Повеќе од 20 години работеше во новинарството, пишувајќи за повеќе весници и списанија, меѓу кои „Национал“ и „Ферал трибјун“, а работеше и на радио. Поради своите бескомпромисни ставови и острите критики кон власта, политичарите и општествените појави, во повеќе наврати добиваше отказ од медиумите во кои работеше.

По заминувањето од новинарството, постигна голем регионален успех како писателка. Нејзините книги се преведени на повеќе светски јазици, а дел од нив беа адаптирани и за театар и изведувани низ регионот. 

Во своите дела Рудан обработуваше теми како феминизмот, семејното насилство, општественото лицемерство, брачните односи и стареењето, но и жестоко го критикуваше национализмот и политичките елити.

Голема популарност стекна со својот дебитантски роман „Уво, грло, нож“, објавен во 2002 година. Следуваа успешните романи „Љубов на последен поглед“, „Јас, неверната“, „Скелети од округот Медисон“ и „Маж во грлото“. 

Својот живот, детството, подемите и падовите искрено ги опиша во автобиографскиот роман „Танц околу Сонцето“, објавен во 2019 година. Во 2022 година го објави романот „Доживотна робија“. 

Рудан на својот блог редовно пишуваше и за секојдневната борба со карциномот.