
Втор смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починал 72-годишен маж од Скопје кај кого лабораториски била потврдена инфекција со вирусот Западен Нил.
Информацијата ја соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана, кој посочи дека пациентот имал тешка клиничка слика на менингоенцефалитис.
„Поради транспарентност и коректно информирање на јавноста, сакам да информирам дека, за жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход“, изјави Цана.
Пациентот бил примен на Клиниката во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија и тешка форма на воспаление на мозокот и мозочните обвивки. И покрај максималните напори на медицинскиот тим и преземените мерки за интензивно лекување, неговата здравствена состојба продолжила да се влошува, по што настапил смртен исход.
Цана нагласи дека досегашните жртви од западнонилската треска се повозрасни лица со коморбидитети и други придружни заболувања.
Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани вкупно 24 пациенти.
„Кај 19 е лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус, додека пет се суспектни и се во тек на дијагностичка постапка“, информира Цана.
Загрижува и состојбата на дел од хоспитализираните. Седум пациенти имаат потешка клиничка слика и се под постојан интензивен медицински надзор, додека петмина се приклучени на механичка вентилација.
Останатите хоспитализирани пациенти се сместени на Одделот за невроинфекции и нивната состојба е стабилна.
Од Клиниката посочуваат дека здравствената состојба на пациентите се следи континуирано и дека јавноста навремено ќе биде информирана за евентуални промени.
Ова е втор регистриран смртен случај поврзан со западнонилска треска во земјава. Претходно почина 83-годишен пациент.



