Skip to main content
Балкан

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар

13/08/2026  18:45

Туристите, жителите и оние кои се наоѓаат во приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики, неофицијално, над 250 лица, попладнево со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба и со приватни чамци се евакуираат по морски пат поради големиот пожар што сè уште не е ставен под контрола, а се гасне од копно и воздух и се испраќаат дополнителни противпожарни сили од повеќе делови на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот избувна околу 14 часот по локално време и брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени четири пораки до оние кои се во поширокиот регион и три беа за евакуација на Сивири и Фурка.

Оние кои не го напуштија Сивири по копнен пат, се евакуираат од плажата, земајќи ги со себе само основните неопходни работи и се префрлаат во Сани. 

Акцијата за евакуација ја водат крајбрежната и противпожарната служба на Грција и ангажирани се патролни бродови, чамци од двете служби, најмалку девет приватни чамци објекти, додека кон местото се упатува уште еден патролен чамец, но и еден траект од бродска компанија.

Дополнитело, чамци и бродови има и на плажата во Фурка.

Од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија дека функционира специјална платформа од Министерството за туризам во соработка со Грчката хотелска комора за привремено сместување на лицата погодени од шумскиот пожар: https://emergencyhotels.civilprotection.gr/Application/NewAppl?evId=e23298e4-7178-4666-891b-20066ab5416a

Според заменик-портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, станува збор за голем и тежок пожар, што од Касандрија се движи кон Сивири и затоа се евакуираат сите оние кои се во приморското место.

Говорејќи за државната телевизија ЕРТ рече дека полесно се повредени двајца пожарникари, а меѓу граѓаните нема повредни.

Противпожарните сили попладнево беа дополнително зајакнати и интервенираат 148 пожарникари со четири пешадиски тима и 54 возила, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои се наоѓаат во Грција во рамките на програмата преку европскиот механизам за цивилна заштита.

За гаснење од воздух ангажирани се девет авиони и три хеликоптери, од кои еден за координација, а помагаат и цистерни од општина Касандра.

Дополнително, кон Халкидики се упатуваат 40 пожарникари со авион Ц-27 од Атина, како и седум пожарникари од Јанина, шест пожарникари од Александруполи, шест од Козани, седум од Волос и шест пожарникари од Кавала.

Во поширокото подрачје на пожарот распределени се шест возила на брза помош, една мобилна медицинска единица, две возила и три мотоцикли за итна интервенција, со спасувачки и медицински персонал а сите сили се во зголемена оперативна готовност за доколку биде потребно пружање медицинска помош.

Поширокиот регион на Халкидики денеска е во категоријата четири со многу голема опасност за избувнување пожари.