Skip to main content
Скопје

Левица: Герасимовски, ако граѓаните навистина одлучуваат – ајде на референдум за Барутана, па нека одлучат

12/08/2026  09:12

Соопштение на Левица:

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, повторно се обидува преку ПР-соопштенија да ја смени суштината на дебатата околу спорниот Нацрт-ДУП за Барутана, претставувајќи ја задолжителната јавна анкета како доказ дека граѓаните наводно „директно се вклучени во одлучувањето”. Но, јавната презентација и јавната анкета се законски предвиден дел од постапката за донесување на урбанистички план и не претставуваат никаква посебна демократска заслуга на градоначалникот. Граѓаните можат да дадат забелешки, но конечната одлука не ја носат тие.

Спорниот нацрт-ДУП за Барутана веќе доби политичка поддршка во Советот на Општина Центар од широката коалиција СДС-ДПМНЕ, а сега задолжителната законска процедура се претставува како доказ за некаква посебна транспарентност и демократичност. Не може прво да се крене рака за планот, а потоа јавната анкета да се продава како доказ дека граѓаните се тие што одлучуваат. Суштинското прашање е: кој е јавниот интерес од изградба на 25 објекти на падините на Водно и отворање простор за десетици илјади квадратни метри нова градба?

Ако Герасимовски навистина верува дека граѓаните треба директно да одлучуваат, тогаш нека оди чекор понатаму и нека распише локален референдум за ДУП-от за Барутана. Наместо граѓаните да доставуваат забелешки за план за кој конечната одлука ја носат институциите, нека им се даде можност непосредно да се изјаснат дали го поддржуваат овој ДУП. Ако планот е навистина во јавен интерес, нема од што да се плаши од директниот глас на граѓаните.

Затоа, Левица бара распишување локален референдум за ДУП-от за Барутана, на кој граѓаните на Центар директно ќе одлучат за иднината на просторот во нивната општина. Ако Герасимовски навистина стои зад своите зборови дека граѓаните треба да бидат тие што одлучуваат, тогаш нека го прифати овој предлог и нека им овозможи на граѓаните да го кажат својот став. Нека одлучат граѓаните, а не ПР-от на градоначалникот.