
Соопштение за јавност на Левица:
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, во вчерашното гостување на Сител телевизија порача дека, иако беше пропуштен рокот од Реформската агенда, процесот за донесување нов Изборен законик не смее да запре, бидејќи Република Македонија има потреба од суштински изборни реформи кои ќе обезбедат поправеден и подемократски изборен модел.
„Не заврши потребата да имаме избори кои ќе бидат според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и меѓународните стандарди. Таа дискусија не може да се смета за затворена”, истакна Мециновиќ.
Тој оцени дека пропаѓањето на процесот претставува пораз за демократијата и доказ дека партиските интереси повторно преовладале над јавниот интерес.
„Ова е голем пораз за нас како општество и за напорите за демократизација на политичките процеси. Нам ни требаат суштински промени во Изборниот законик за да добиеме порепрезентативен изборен модел кој правилно ќе ја претставува волјата на граѓаните”, нагласи пратеникот на Левица.
Мециновиќ потсети дека Левица во текот на работата на работната група настапувала конструктивно и нудела компромисни решенија секогаш кога процесот бил во застој.
„Левица беше најконструктивна во целиот процес, затоа што сакаме нов Изборен закон. Секогаш кога имаше некој вид на сопка, Левица нудеше излезно решение”, рече тој.
Во однос на една изборна единица, Мециновиќ истакна дека тоа мора да остане централното прашање на секоја идна расправа за изборните реформи.
„Жал ми е што премиерот одбра црвена линија да му биде дијаспората. Јас мислам дека требаше да застане зад една изборна единица. Тоа беше ветувањето со кое ја добија довербата од граѓаните”, посочи Мециновиќ.
Тој нагласи дека е нелогично да се отвора дебата за дополнително олеснување на гласањето на дијаспората, додека во државата сè уште постои изборен модел во кој гласот на граѓаните нема еднаква тежина.
„Иронично е да зборуваме за уважување на гласовите на дијаспората, додека имаме нерепрезентативен изборен модел. Треба да го олесниме исполнувањето на волјата на граѓаните во Република Македонија, а потоа да разговараме и за другите модели”, изјави Мециновиќ.
Мециновиќ предупреди дека доколку не се продолжи со изборните реформи, државата ризикува и во следните изборни циклуси да се соочува со нееднакви услови за политички натпревар.
„Најстрашното нешто што можеме да го направиме е да одиме на уште едни избори каде што нема да имаме фер избори. Од еден во друг циклус ќе поставиме норма и ќе имаме деградација на демократската атмосфера во Република Македонија”, истакна тој.
Пратеникот на Левица упати повик до парламентарните партии да не дозволат изборните реформи да останат незавршен процес и повторно да ги отворат разговорите за нов Изборен законик.
„Повикувам до ВМРО да потсетам дека има време. Го повикувам премиерот Христијан Мицкоски да излезе од теснопартиските интереси, да покаже државнички капацитет и да се уважат сите гласови подеднакво”, порача Мециновиќ.
Левица смета дека пропуштањето на рокот не смее да биде изговор за откажување од изборните реформи. Напротив, процесот мора да продолжи сѐ до донесување на нов Изборен законик кој ќе ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ќе обезбеди фер изборен натпревар и конечно ќе го отвори прашањето за една изборна единица, како клучна демократска реформа што ќе обезбеди еднаква вредност на секој глас.



