
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува попречувањето на професионалната работа на снимателот на ТВ Тера од Битола, Никола Најдовски, од страна на лица ангажирани како обезбедување на ЈП „Комуналец“ – Битола.
Инцидентот се случил на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, каде што Најдовски снимал инсерти поврзани со културните манифестации во градот. При вршењето на својата професионална работа, лицата ангажирани како обезбедување вербално го нападнале и му ја одзеле камерата, со што го спречиле да продолжи со известувањето.
ЗНМ укажува дека ваквото постапување е недозволиво и претставува сериозно попречување на работата на медиумски работник. Никој нема право самоволно да одзема новинарска опрема или со притисок и закани да спречуваат новинар или снимател во извршувањето на неговите професионални задачи.
Имајќи ги предвид околностите на случајот, ЗНМ очекува надлежните институции да испитаат дали преземените дејствија можат да се разгледуваат и во контекст на член 139 од Кривичниот законик, кој ја регулира присилбата, односно употребата на сила или сериозна закана со која друго лице се присилува да стори, да не стори или да трпи нешто.
Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) брзо и темелно да ги испитаат сите околности на случајот, да ги утврдат фактите и да преземат соодветни правни дејствија.
Новинарите и медиумските работници мора да имаат непречени услови за професионално известување, а секое попречување, заплашување или одземање на нивната опрема мора да биде соодветно санкционирано.


