Skip to main content
Скопје

Станарите од „Антон Попов 1“ исплашени за безбедноста поради ископот за подземната сообраќајница

01/08/2026  11:42

Жителите на станбениот комплекс „Антон Попов 1“ преку соопштение до медиумите, информираат дека упатиле барање до Град Скопје за итна средба пред почетокот на градежните активности за подземната сообраќајница на Јужен булевар, изразувајќи сериозна загриженост за можните влијанија врз безбедноста на објектот и пристапот до нивните домови.

Станарите, кои наведуваат дека во комплексот живеат околу 800 жители и функционираат околу 20 деловни субјекти, велат дека не се против развојот на градската инфраструктура, но бараат целосна транспарентност и гаранции дека проектот нема да ја загрози нивната безбедност.

„Колку трагедии и несреќи треба да се случат за да ја научиме лекцијата дека безбедноста на граѓаните е најважна?“, прашуваат тие во јавното обраќање.

Според нив, загриженоста се појавила откако биле објавени плановите и најавите за почеток на работите, при што станарите увиделе дека пред нивната зграда се предвидуваат сериозни градежни интервенции, вклучително и длабок ископ во непосредна близина на темелите.

Како најголеми проблеми ги посочуваат пристапот за возила и интервентни служби, како и прашањето за стабилноста на зградата.

„Немаме соодветен сообраќаен пристап за автомобили, а камоли за итна интервенција – брза помош или пожарна. Дополнително, се отвора прашањето за статиката на објектот, имајќи предвид дека ќе се копа до самите темели“, велат станарите.

Тие бараат од надлежните институции одговори на повеќе прашања: дали е изработен детален геомеханички елаборат, дали ќе има официјално снимање на моменталната состојба на зградата пред почетокот на работите, дали постојат гаранции дека ископот нема да влијае врз стабилноста на објектот и кој ќе ја преземе одговорноста доколку се појават оштетувања.

Станарите наведуваат дека на 20 јули имале средба со претставници на Град Скопје, на која, според нив, и самите претставници биле изненадени од фактичката состојба на теренот – особено во делот на пристапот за интервентни возила и близината на планираниот ископ до објектот.

Тогаш, како што информираат, било ветено дека ќе биде организирана официјална средба на која ќе бидат презентирани проектот, активностите и влијанието врз околните згради. Но, велат дека до денес не добиле покана ниту официјален одговор.

„Усните уверувања дека ‘нема да има проблем’ не се доволни. Во инженерството гаранцијата не е изјава, туку се темели на анализи, проекти и стручни проверки“, наведуваат станарите.

Дополнителна загриженост кај нив предизвикала и најавата дека градежните активности ќе започнат на 5 август, без претходно да им биде овозможен увид во проектната документација.

Жителите предупредуваат дека доколку не добијат официјален одговор и конкретни информации, ќе преземат понатамошни чекори, вклучително и организирање протести заедно со жителите од околните објекти кои се засегнати од проектот.

„Не сме против развојот на инфраструктурата, но бараме процесот да биде транспарентен и да се почитуваат правата на граѓаните кои директно ќе ги чувствуваат последиците од градежните активности“, стои во нивното соопштение.