
Соопштение за јавност на ЛДП:
Либерално-демократската партија (ЛДП) го соголува новиот голем скандал во авиосообраќајот и бара итна одговорност од Владата за над половина милион евра народни пари завршени во сњфот на странска компанија. Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, поднесе официјално пратеничко прашање до министерот за транспорт Александар Николоски, откривајќи како германската „Луфтханза” ги зеде државните субвенции за линијата Скопје-Франкфурт, го раскина договорот и ги оштети македонските даночни обврзници.
Со цел да ја замачка јавноста, Владата се чалами со ПР-соопштенија за раст на авиосообраќајот, премолчувајќи дека тоа се прави со субвенции платени од народот и криејќи ја суровата реалност дека нашите аеродроми се доведени во опасен монопол каде дури две третини од летовите зависат од една приватна компанија и тоа од Унгарија. Додека традиционалните авио-гиганти како „Луфтханза”, „Кроација Ерлајнс” и „ЛОТ” бегаат и ги укинуваат летовите од Скопје, Владата молчи за тоа што германскиот превозник и гигант од европскиот авиосообраќај директно ги прекрши своите договорни обврски.
Имено, според правилата за државна помош и договорот „3+3 години”, „Луфтханза” добиваше народни пари за да лета заклучно со 2025 година, но имаше законска обврска да продолжи да лета без ниту еден денар субвенција во 2026, 2027 и 2028 година. Со ненадејното целосно укинување на линијата, компанијата го прекрши договорот и ги изигра македонските граѓани за астрономски 500.000 евра.
Зајкова бара министерот Николоски веднаш да достави извештај до Собранието за точниот износ што компанијата му го должи на буџетот и да одговори дали Министерството ја има активирано банкарската гаранција и покренато судска постапка. ЛДП инсистира Владата наместо евтин маркетинг конечно да соопшти во кој точен рок овие пола милион евра директно ќе бидат вратени во државниот буџет.
Исто како што се однесува со парите од ЕУ кои македонските граѓани ги губат ради неспособност и манипулации, како со примерите од Изборниот законик и сферата на правосудството, истото се случува и со парите кои се раздаваат од буџетот. Владата е обврзана да го штити стандарот на најсиромашниот народ во Европа, а не да ги пумпа профитите на европските компании со парите од истиот тој народ.

