
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за нелегален пренос на девизи, при што биле запленети 64.250 евра, информира Царинската управа.
Случајот бил откриен на влез во државата при контрола на автомобил со германски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин.
На прашањето на царинските службеници дали има нешто да пријави, патникот пријавил дека со себе носи 60.000 евра, за што приложил образец издаден при влез во Србија.
Сепак, царинските службеници се посомневале во неговата изјава и заедно со полициски службеник на Фронтекс извршиле детален претрес на возилото. При контролата биле пронајдени вкупно 124.250 евра во готовина.
Согласно Законот за девизно работење, на грчкиот државјанин му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека преостанатите 64.250 евра биле одземени.
Против лицето е поведена прекршочна постапка пред надлежниот суд.
Од Царинската управа информираат дека од почетокот на годинава биле откриени вкупно 30 случаи на нелегален пренос на девизи. Во овие случаи досега се запленети 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.
