
Собранискиот спикер Африм Гаши ниту годинава лично нема да присуствува на централните чествувања по повод Илинден. Тој денеска пред медиумите порача дека неговото отсуство втора година по ред е оправдано и дека тоа не значи оти Собранието не учествува во одбележувањето на еден од најзначајните датуми во македонската историја.
Гаши посочи дека законодавниот дом ќе биде претставен преку собраниска делегација и дека учеството на институцијата во чествувањето не треба да се поврзува исклучиво со неговото лично присуство. Потсети дека во претходниот период клучните пораки по повод Илинден ги испратил пред Собранието.
Според него, нема простор за реакции поради неговото отсуство, а посочи и дека настанот во Египет на кој ќе учествува е исто така важен за државата.
Гаши објасни дека делегациите кои присуствуваат на чествувањата на Илинден најчесто ротираат согласно претходен договор.
Оваа година, на одбележувањето на 123-годишнината од Илинденското востание, владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на чествувањето во Пелинце, од каде премиерот ќе ги испрати клучните пораки.
Претседателката на државата, согласно протоколот, ќе остане во Скопје, додека собраниската делегација предводена од пратеникот Антонијо Милошоски ќе присуствува на чествувањето на Мечкин Камен.
По илинденските чествувања, пратениците заминуваат на одмор. До 21 август нема да се одржуваат пленарни седници, ниту седници на собраниските тела и комисии.
Сепак, по враќањето на пратениците ги очекуваат повеќе законски решенија кои останаа незавршени пред паузата. Меѓу нив се Законот за високо образование, законското решение поврзано со „Скопје – Европска престолнина на културата“, околу кое имаше конфронтации меѓу пратениците, како и Законот за правична застапеност.
ДУИ инсистираше Законот за правична застапеност да биде ставен на гласање, тврдејќи дека на тој начин ќе се покаже дека партијата го има т.н. „голем Бадентер“ и дека без нејзина поддршка законските решенија за кои е потребно двојно мнозинство не можат да бидат усвоени.
Гаши, пак, порача дека Деловникот му дава право како претседател на Собранието да одлучи кога ќе ги свика седниците на кои овие законски решенија ќе бидат разгледувани.
Тој се осврна и на најавата на ДУИ за анкетна комисија во врска со инцидентот со министерот Иван Стоилковиќ за време на владината реконструкција. Од ДУИ претходно обвинија дека нивни пратеници биле нападнати од министерот.
Според Гаши, до него сè уште не е пристигната иницијативата за формирање анкетна комисија. Тој рече дека лично не чувствува одговорност за инцидентот, бидејќи случувањата биле за време на пауза и надвор од собраниската седница.
